Вкупниот награден фонд на ЕП 2022 е 16 милиони евра, има бонуси за победа и за реми, а идниот првак ќе може најмногу да заработи 2,085 милиони евра. На клубовите што имаат репрезентативки на ЕП им се гарантира минимална уплата од 10.000 евра по играч

ФУДБАЛ

Европското првенство (ЕП) за фудбалерки летово ќе постави нови стандарди за женските репрезентативни натпреварувања со воведување на првата програма за клупски придобивки од ова натпреварување и со двојното зголемување на паричната награда за турнирот во Англија од идната недела, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
УЕФА им плаќа на клубовите што имаат репрезентативци што играат на ЕП за мажи од 2008 година, како признание за нивната улога во одржувањето на турнирот. Со својата најнова одлука, управното тело на европскиот фудбал ги одобри плановите за воведување слична „програма за бенефиции за клубови“ за ЕП за жени, со што се признава придонесот на клубовите за успехот на ЕП со ослободување на играчите.
Програмата за придобивки за клубот ќе изнесува 4,5 милиони евра, објави УЕФА на својата интернет-страница. Плаќањата ќе бидат распределени само на европските клубови чии фудбалерки се избрани за националните селекции што ќе учествуваат на ЕП 2022. Клубовите што ги исполнуваат условите ќе бидат обесштетени со по 500 евра по играч на ден, а за секој негов играч што учествува на женското ЕП, на клубот му се гарантира минимална уплата од 10.000 евра, објави УЕФА.
Вкупниот награден фонд на ЕП 2022 ќе изнесува 16 милиони евра, највисок досега и двојно поголем од претходното женско континентално првенство во 2017 година. Од вкупната сума, 9,6 милиони евра ќе бидат еднакво поделени меѓу сите 16 репрезентации-учесници, кои ќе добијат по 600.000 евра, двојно повеќе од еквивалентната сума за ЕП 2017. УЕФА првпат воведува бонуси засновани на перформанси за време на групната фаза, и тоа 100.000 евра за победа и 50.000 евра за реми. Селекциите што ќе стигнат до четврт-финалето ќе добијат дополнителни 205.000 евра, полуфиналистите по 320.000 евра, првакот ќе заработи 660.000 евра, а второпласираната селекција 420.000 евра.
Паричната награда е кумулативна, па ако идниот шампион победи во сите натпревари во групата, ќе освои вкупно 2.085.000 евра.