Работите драматично се променија од сезоната 1992/93, кога само што беше воведено правилото за враќање на топката на голманот, имало само две измени, лигата подоцна се намали од 22 на 20 тима, прекршоците одзади беа забранети во 1998 година, помалку клубови играа во Европа… Од 50 досегашни премиерлигаши, седум ја освоија титулата, а 42 испаднаа. Манчестер сити, Блекбурн и Лестер ги направија двете работи

ФУДБАЛ

Следната недела се одбележува 30-годишнината од Премиер-лигата, која ја замени Првата лига на врвот на англискиот фудбал, пишува „Би-би-си“. Досега играа 50 клуба, седум ја освоија титулата, а 42 тима испаднаа. Манчестер сити, Блекбурн и Лестер ги направија двете работи.
Работите драматично се променија од сезоната 1992/93. Кога почна Премиер-лигата, само што беше воведено правилото со кое голманите не можеа повеќе да ја земат топката со раце кога соиграчот ќе им ја врати. Имаше многу други промени во текот на годините. Прекршоците одзади беа забранети дури во 1998 година, а во претходниве години беа променети и правилата за удари од голманскиот простор, почетни удари и судиска топка. Зголемен е бројот на дозволени замени. Во првата сезона во Премиер-лигата, тимовите би можеле да именуваат по три играчи на клупата на секој натпревар и да внесат во игра двајца. Од сезонава има пет замени и вкупно девет резервни играчи.
Но додека клупите пораснаа, лигата се намали. Имаше 22 тима во првите три сезони, а сегашниот формат од 20 тима е од сезоната 1995/1996. Европските места, исто така, се сменија. Само шампионите се квалификуваа во Лигата на шампионите (ЛШ) до 1997 година. Во првата сезона во Премиер-лигата, Манчестер јунајтед ја освои титулата за да се квалификува за ЛШ, Арсенал отиде во Купот на победниците на куповите (КПК) со освојување на ФА-купот и Астон вила и Норвич играа во Купот на УЕФА. Сега седум екипи се квалификуваат за Европа, го нема КПК, Купот на УЕФА се нарекува Лига Европа и постои Конференциска лига. Во сезоната 1992/93, само 15,6 отсто од играчите во Премиер-лигата не беа Британци, а во минатата сезона 57,7 проценти. Тоа делумно се должи на правилото „Босман“. До 1996 година клубовите можеа да именуваат само тројца странски играчи во европски меч.
Во Премиер-лигата се одиграни 11.656 меча и има 31.016 гола, постигнати од 2.528 играчи, а настапиле 4.534, од 120 земји. Алан Ширер е најдобар стрелец со 260 гола (0,84 отсто од сите голови во Премиер-лигата), на повеќе играчи им е покажан картон, 3.217 (71 процент од фудбалерите), отколку што постигнале гол, пишува „Би-би-си“. А менаџерите? Досега имало 265. Најнови се Стив Купер и Ерик тен Хаг, кои дебитираа во првото коло сезонава. А колку луѓе биле сведоци на сево ова во живо? Мечевите во Премиер-лигата имаат заедничка посетеност од 368 милиони.