Александар Трајковски

Македонскиот фудбалски репрезентативец Александар Трајковски (29) се надева дека повторно би можел да ја затресе мрежата на Италија, во мечот на за него познатиот терен во Палермо, каде што двете селекции ќе се сретнат в четврток во баражот за пласман на Светското првенство во Катар. Искусниот напаѓач беше стрелец против Италија во Торино (1-1) во дуелот од квалификациите за претходниот Мундијал одигран во 2017 година. „Аѕурите“ тогаш не успеаја да се квалификуваат за СП.

– Се надевам дека ако голот се повтори, оти ќе биде за победа – кажа Трајковски во изјава за „Франс прес“.

Трајовски кој сега настапува за Ал Фајха во Саудиска Арабија, се радува на можноста повторно да заигра на стадионот „Ренцо Барбера“, откако го носеше дресот на Палермо од 2015 до 2019 година забележувајќи 20 гола и 16 асистенции на 113 меча за италијанскиот клуб.

– Бев навистина среќен кога видов дека ќе играме во Палермо бидејќи ќе се вратам во градот каде што поминав четири години. Ќе треба да бидеме максимално мотивирани за да постигнеме добар резултат – кажа напаѓачот.

Тој неодамна зборуваше и за поврзаноста со Сицилија за порталот „Тифози Палермо“.

– Сицилија остана со мене и Палермо стори да се вљубам во тамошниот живот, уличната храна, специфичната атмосфера, луѓето… – посочи македонскиот репрезентативец.

Трајковски ќе биде еден од адутите на селекторот Благоја Милевски во нападот против актуелниот европски првак Италија в четврток.