Капитените Стефан Ристовски и Чиро Имобиле во дуел/Фото: Твитер - Фудбалска федерација на Италија

Александар Трајковски со прецизен удар ѝ донесе историска победа на фудбалската репрезентација на Македонија над европскиот првак Италија 1-0 во Палермо, совладувајќи го Џанлуиџи Донарума во судиското надополнување од полуфиналето на баражот за пласман на Светското првенство (СП) годинава во Катар.

Токму Трајковски најчесто се закануваше преку удари од далечина при контранападите на „црвено-жолтите“, откако во пресрет на вечерашниот натпревар изјави оти се надева дека ќе постигне гол за победа против Италија. Искусниот напаѓач кој четири години настапуваше за италијански Палермо, беше стрелец против Италија во Торино (1-1) и во дуелот од квалификациите за претходниот Мундијал одигран во 2017 година. „Аѕурите“ тогаш не успеаја да се квалификуваат за СП.

Фаворизираниот домаќин притискаше од самиот почеток на мечот, но избраниците на Благоја Милевски успешно се бранеа пред налетите на Доменико Берарди и Чиро Имобиле, при што и голманот Столе Димитриевски имаше неколку успешни интервенции. „Аѕурите“ попусто имаа 32 удари кон македонскиот гол и 16 изведени корнери.

Македонија во финалето на баражот за СП ќе се сретне со Португалија во Порто во вторник, откако Португалците вечерва беа подобри од Турција со 3-1 на домашен терен. Македонската селекција има прилика повторно да се најде на едно големо фудбалско натпреварување откако играше на претходното Европско првенство.