Томас Милер има рекордни 11 титули

Не можете секогаш да го сфатите неговиот стил на игра, ниту можете да го измерите она што им го дава на тимот и на клубот, вели германскиот селектор Флик за Милер, кој од 13-те сезони во Бундес-лигата, во седум достигна двоцифрена бројка голови, а во 11 двоцифрена бројка асистенции

ФУДБАЛ – БУНДЕС-ЛИГА

Баерн ја совлада Борусија Д. со 3-1 и ја обезбеди 10-та фудбалска титула по ред во Бундес-лигата, 32-та во клупската историја. Напаѓачот на Баварците, Томас Милер (32), пак, стана првиот фудбалер со 11 титули во Бундес-лигата.
– Ова беше прекрасна можност за рекордно постигнување, бидејќи минатите денови бевме доста исфрустрирани. Сега сѐ е прекрасно. Колку повеќе победувате, толку повеќе го посакувате тоа секоја година – изјави Милер.
Милер му се приклучил на Баерн како 10-годишник, во 2000 година, а во Бундес-лигата дебитирал на 19 години. По повеќе од една деценија во Баерн, тој одигра над 600 меча. За позицијата на Милер во тимот се дебатира многу години, но суштината е дека кога тој игра, се постигнуваат голови. Од 13-те сезони во Бундес-лигата, во седум тој достигна двоцифрена бројка голови, а во 11 двоцифрена бројка асистенции. Вкупно, Милер има 136 гола и над 180 асистенции за Баерн, кој загуби само еден од 110-те првенствени меча во кои тој беше стрелец. Лани тој стигна до 600-от меч за Баерн, што претходно им успеа на голманите Оливер Кан и Сеп Маер.
– Милер е природен талент, игра брилијантно од 2010 година. Тој е со двете нозе на земја и може да се справи со пофалбите или со критиките, со успехот или со неуспехот, подобро од сите – вели поранешниот селектор на Германија, Јоаким Лев.
Сегашниот селектор Ханси Флик, кој многу години му беше асистент на Лев во репрезентацијата, потоа и тренер на Баерн, одлично го познава Милер.
– Не можете секогаш да го сфатите неговиот стил на игра, ниту можете да го измерите она што им го дава на тимот и на клубот. Тој е секогаш позитивен, има нивоа на енергија како 18-годишник и ги поттикнува сите играчи. Може само да му се симне капа за она што го постигна во кариерата. Тоа е уникатно. Ќе нема скоро некој како него – вели Флик.