Репрезентациите ќе бидат поделени во четири барабани според пласманот на ранг-листата на ФИФА. Според пропозициите, ждрепката ќе биде полудиригирана, во ниту една група ќе нема по две селекции од иста конфедерација, со исклучок од УЕФА, па во пет групи ќе има најмногу по две европски репрезентации

ФУДБАЛ – ДЕНЕСКА ВО ДОХА

По плејоф и квалификациските мечеви играни до средата се познати 29 од 32-те репрезентации-учеснички на Светското првенство (СП) во фудбал што ќе се одржи во Катар, од 21 ноември до 18 декември годинава. Последните три репрезентации што ќе настапат на СП 2022 ќе бидат познати во јуни по одигрувањето на одложените плејоф-мечеви, еден во Европа и две интерконтинентални средби.
Ждрепката за составот на групите треба да биде влечена денеска попладне (18 часот по средноевропско време) во Доха. Репрезентациите ќе бидат поделени во четири барабани, според пласманот на најновата, мартовска ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА).
На ждрепката се очекува да присуствуваат околу 2.000 гости, а ќе ја водат Американките Карли Лојд и Саманта Џонсон и Џермејн Џенас (Англија), помогнати од Кафу (Бразил), Лотар Матеус (Германија), Адел Ахмед Малалах (Катар), Али Даеи (Иран), Бора Милутиновиќ (Србија/Мексико), Џеј Џеј Окоча (Нигерија), Рабах Маџер (Алжир) и од Тим Кејхил (Австралија), пишува ФИФА на својата интернет-страница.

На СП 2022 ќе настапат седум од осумте досегашни светски прваци (Бразил, Франција, Аргентина, Англија и Шпанија во првиот барабан, а Германија и Уругвај во вториот), полуфиналистите од минатото СП (Франција, Хрватска, Белгија и Англија), 15 од 16-те првопласирани на мартовската ранг-листа на ФИФА… Според пропозициите, ждрепката ќе биде полудиригирана, во ниту една група ќе нема по две селекции од иста конфедерација, со исклучок од Европската фудбалска унија (УЕФА), која има 13 претставници, што значи дека во пет од осумте групи ќе има најмногу по две европски репрезентации.
Организаторите на СП најавија дека во групната фаза што ќе трае 12 дена (од 21 ноември до 2 декември) ќе се играат по четири натпревари секој ден. Во нокаут-фазата, во осминафиналето (од 3 до 6 декември), ќе се пласираат по две најдобри селекции од секоја од осумте групи, вкупно 16. Четвртфиналните мечеви се на 9 и 10 декември, полуфиналињата на 13 и 14-ти, а финалето на 18 декември.
ФИФА потврди дека во првите две кола натпреварите ќе се играат во термините од 11, 14, 17 и од 20 часот, по средноевропско време. Натпреварите во последното коло по групни и во нокаут-рундата ќе почнуваат во 16 и во 20 часот, а финалето во 16 часот.


СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ

1: Катар, Бразил, Белгија, Франција, Аргентина, Англија, Шпанија и Португалија
2: Мексико, Холандија, Данска, Германија, Уругвај, Швајцарија, САД и Хрватска
3: Сенегал, Иран, Јапонија, Мароко, Србија, Полска, Јужна Кореја и Тунис
4: Камерун, Канада, Еквадор, Саудиска Арабија, Гана, потоа Велс, Шкотска или Украина, Австралија, Обединети Арапски Емирати или Перу и Костарика или Нов Зеланд