Следува „најбогатиот натпревар во фудбалот“

Фулам и Борнмут директно се пласира во Премиер-лигата, а Хадерсфилд, Нотигнем форест, Шефилд и Лутон ќе разигруваат меѓу себе за преостанатото трето место што води во повисок ранг

АНГЛИЈА, ДИВИЗИЈА ЧЕМПИОНШИП

Завршија натпреварите во втората по квалитет фудбалска лига во Англија, дивизијата Чемпионшип, по што се познати двата тима што директно се пласираа во Премиер-лигата, Фулам и Борнмут. Четири тима, Хадерсфилд, Нотигнем форест, Шефилд јунајтед и Лутон, кои се пласираа од третото до шестото место, ќе разигруваат меѓу себе за преостанатото трето место што води во повисок ранг, во Премиер-лигата. Трите последнопласирани тима што испаѓаат во Лига 1 се Питерборо, Дерби и Барнсли.
Финалето на плејофот на Чемпионшип често се нарекува и „најбогатиот натпревар во фудбалот“ поради финансиските стимулации што ги добиваат тимовите победници. Но „финансиската инјекција“ не доаѓа директно ниту од Чемпионшип ниту од Премиер-лигата, бидејќи тимот победник добива само 100.000 фунти (125.000 долари), а поразениот во финалето 50.000 фунти (62.000 долари). „Главните“ пари доаѓаат од ТВ-компаниите што ги имаат откупено правата за преноси и од спонзорските договори. Според процените, станува збор за бројка од над 100 милиони фунти (125 милиони долари) како „непосредна“ готовинска добивка, но тие бројки варираат и продолжуваат да растат и покрај пандемијата на ковид-19.
Приходите во Премиер-лигата од ТВ-правата по сезона се проценуваат на околу 3,1 милијарди фунти (3,9 милијарди долари), со минимална исплата од околу 100 милиони фунти (125 милиони долари) за најслабопласираниот тим, што е драстична разлика во споредба со седумте милиони фунти (осум милиони долари) по клуб во Чемпионшип. Бројките на „Делојт“ за 2020 година кажуваат дека приходите на клубовите се движат од 135 милиони (170 милиони) до 265 милиони фунти (333 милиони долари). Пресметките за 2022 година би требало да изнесуваат од 200 милиони фунти (225 милиони долари), па нагоре.

Доколку новопромовираниот тим опстане во првата сезона во Премиер- лигата, ќе добие дополнителен финансиски бонус, во зависност од пласманот. Премиер-лигата на крајот на сезоната доделува парични награди за секој тим, при што дури и тимот што е на 17-то место добива околу седум милиони фунти (8,8 милиони долари). Но и клубовите што се враќаат во дивизијата Чемпионшип добиваат „бонуси“ за да се спасат од финансиски колапс. Тие пари се од дивидендата на „Еднаков удел“ во приходите од ТВ-правата во Премиер- лигата, поделени меѓу 20-те клуба, како и од нивните индивидуални надоместоци за натпреварите во живо. Испаднатите тимови во првата сезона во Чемпионшип добиваат 55 отсто од приходите. Таа бројка паѓа на 45 отсто во втората година и на 20 отсто во третата, но само доколку тој тим поминал повеќе од една сезона во Премиер-лигата.
Во ланското финале, Брентфорд го совлада Свонси (2-0) и се пласира во Премиер-лигата, првпат по 1947 година. Плејофот беше воведен во 1987 година, а од 1990 година победниците се добиваат преку еден финален меч.


Вотфорд му се придружи на Норич во Чемпионшип

Вотфорд загуби на гости од Кристал палас (0-1), со што стана вториот тим, по Норич, што испаѓа од англиската фудбалска Премиер-лига и за следната сезона се сели во понизок ранг. Вотфорд вторпат во претходните три сезони испаѓа во дивизијата Чемпионшип, претходно во сезоната 2019/2020, по што веднаш во следната сезона се врати во елитното друштво. Од англиската Премиер-лига испаѓаат три тима. Нови премиерлигаши се Фулам и Бурнемаут, а за третото место во елитата во плејофот ќе играат Хадерсфилд, Нотингем форест, Шефилд јунајтед и Лутон. Првпат во менаџерска кариера Рој Хоџсон (74), кој најави пензионирање по завршувањето на сезонава, предводи тим што испаѓа од Премиер-лигата. Во богатата и долга 46-годишна кариера, Хоџсон работел во 17 клуба во осум земји и со четири репрезентации.


ДИВИЗИЈА ЧЕМПИОНШИП

Полуфинале
Лутон – Хадерсфилд
Шефилд ј. – Нотингем форест
први натпревари 13 и 14 мај, реванши 16 и 17 мај
Финале, 29 мај, стадион „Вембли“