Овој тим ќе скокне во базен без разлика дали има вода во него или не, вели тренерот Диего Симеоне, по победата на Атлетико на гости кај Манчестер јунајтед и пласманот во четврт-финалето на ЛШ

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Уште во почетокот од натпреварот можеше да се види дека можеме да ги казниме во контранападите. Овој тим ќе скокне во базен без разлика дали има вода во него или не. Голот ни донесе предност и во вториот дел одигравме брилијантно колективно, една од најдобрите наши игри сезонава, што ме прави многу среќен, изјави Диего Симеоне по победата на Атлетико Мадрид на гости кај Манчестер јунајтед со 1-0 за пласман во четврт-финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), со вкупен резултат 2-1.
Првакот на Шпанија, со многу прекалени и искусни играчи во тимот, одигра борбено и дисциплинирано и се пласира меѓу осумте најдобри екипи во ЛШ шести пат во претходните девет сезони. Атлетико прв постигна гол на еден меч на седум од претходните осум гостувања во сите натпреварувања.

– Разочарани сме од резултатот, не направивме доволно во двата натпревара за да го добиеме дуелот. Тие знаат како се играат вакви натпревари во Лигата на шампионите – вели голманот на Манчестер jунајтед, Давид де Хеа.

Манчестер jунајтед загуби четири од претходните пет меча дома во осминафинале на ЛШ. Јунајтед ја има најдолгата трофејна суша во претходните 40 години, што трае од 2017 година, кога беше освоен пехар во Лига Европа (ЛЕ). Претходно слична серија имаше од победата во ФА-купот во 1977 година до 1983 година и триумфот во истото натпреварување. Од повлекувањето на поранешниот менаџер Алекс Фергусон во 2013 година, кога беше освоена 20-та титула во Премиер-лигата, Јунајтед освои три трофеја, во ФА-купот во 2016 година и во ЛЕ и во Лига-купот следната година.


ЧЕТВРТФИНАЛИСТИ

Реал Мадрид
Атлетико Мадрид
Манчестер сити
Ливерпул
Баерн
Бенфика
Јувентус или Вилјареал
играа синоќа, прв меч 1-1
Лил или Челси
играа синоќа, прв меч 0-2


Ајакс нема победа дома во нокаут-фаза на ЛШ од 1996 година

Бенфика упати само еден удар кон голот на Ајакс на мечот во Амстердам, постигна гол (во првиот натпревар во Лисабон беше 2-2) и се пласира во четврт-финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). За Бенфика ова е прв пласман меѓу осумте најдобри тимови во Лигата на шампионите по сезоната 2015/2016 (тогаш беше елиминирана од Баерн во четврт-финалето) и само втора победа на 17 меча против холандски клубови. Ајакс нема победа на домашен натпревар во нокаут-фазата на Лигата на шампионите од 1996 година (пет порази и четири ремија).