Салах го постигна 12-от гол на претходните 12 меча во ЛШ. Дебитантот во осминафиналето Салцбург го имаше најмладиот почетен тим во ЛШ, по Ајакс во 2003 година, со просечна возраст од 23 години и 242 дена

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Тоа е само прво полувреме, ништо повеќе, работата уште не е завршена, вели менаџерот Јирген Клоп откако Ливерпул на првиот меч во Милано го победи Интер, со 2-0, во првиот осминафинален натпревар во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Ливерпул не брилјира, но имаше контрола на настаните на теренот, постигна два гола, но и одлично се бранеше.
– Атмосферата беше неверојатна, навистина уживав. Мислам дека одигравме многу солидно, остваривме добар резултат, не примивме гол, среќни сме. Очекувавме дека ќе бидеме под притисок, бидејќи тие се многу добар тим, а и ова беше меч во ЛШ – изјави Вирџил ван Дајк, еден од најдобрите играчи на мечот, заедно со Ибрахима Конате.
За „црвените“ ова беше седма победа во низа сезонава во ЛШ, 10-та на 13 меча на гости. Мохамед Салах го постигна 12-от гол на претходните 12 меча во ЛШ, Џејмс Милнер го имаше 800-от настап во кариерата, Фабињо го одигра 150-от меч за Ливерпул, а Харви Елиот со 18 години и 318 дена стана најмладиот играч што почнал меч за Ливерпул во најсилното европско клупско натпреварување, надминувајќи го Трент Александер-Арнолд, кој на мечот со Спартак Москва во 2017-та имаше 18 години и 354 дена.

Баерн спасуваше реми на гостувањето против дебитантот во осминафиналето, Салцбург, 1-1, со голот на Кингсли Коман во 90-та минута, стрелецот на победничкиот гол во финалето пред две години со ПСЖ (1-0). Баерн е рекордер со 22-те гостувања без пораз во низа во ЛШ (17 победи и пет ремија), серија што почна во септември 2017 година и поразот од ПСЖ, со 0-3.
– Имаме измешани чувства. Салцбург е добар тим, условите за игра беа одлични, атмосферата беше извонредна, комплименти за публиката. Беше забавно иако имавме проблеми. Добро е за нас што израмнивме во финишот – изјави Томас Милер, напаѓачот на Баерн.
Салцбург го имаше најмладиот почетен тим во ЛШ, по Ајакс во 2003 година, со просечна возраст од 23 години и 242 дена. Тренерот, Германецот Матијас Јајсле, има само 33 години.


ОСМИНАФИНАЛЕ, ПРВИ МЕЧЕВИ

ПСЖ – Реал Мадрид 1-0
Спортинг – Манчестер С. 0-5
Интер – Ливерпул 0-2
Салцбург – Баерн 1-1
Челси – Лил вторник
Вилјареал – Јувентус вторник
Атлетико – Манчестер Ј. среда
Бенфика – Ајакс среда
реваншите се од 8 до 16 март