ВАР сезонава функционира од далечина, од седиштето на УЕФА во Швајцарија, наместо на местата каде што се играат натпревари низ Европа. Тоа беше воведено за ЕП 2020, откако поради пандемијата беше решено да се намали бројот на луѓе на секое место. Тој систем се покажа толку успешен што е задржан и сега се користи за сите клупски натпреварувања каде што е можно

ФУДБАЛ – СИСТЕМОТ ВАР ВО УЕФА СЕЗОНАВА РАБОТИ ПОИНАКУ

Системот видеопомошник-судија (ВАР) се користи на натпреварите во фудбалската Лига на шампионите од 2019 година, но сезонава работата е изменета за да функционира од далечина, од седиштето на Европската фудбалска унија (УЕФА) во Нион (Швајцарија), наместо на местата каде што се играат натпревари низ Европа. Тоа беше воведено за Европското првенство 2020, играно лани, откако поради пандемијата беше решено да се намали бројот на луѓе на секое место. Тој систем се покажа толку успешен што е задржан и сега се користи за сите клупски натпреварувања во нокаут-фазата на УЕФА каде што е можно (некои места ги немаат потребните оптички влакна за системот да функционира), пишува УЕФА на својата интернет-страница.
УЕФА дава слика од далечинскиот центар на ВАР со Марко Фриц од Германија, кој е меѓународен судија од 2012 година. Внатре во собата, лоцирана во седиштето на УЕФА на брегот на Женевско Езеро, има шест ВАР-станици, со уште две станици во посебен простор во зградата. Главниот во ВАР е лидер на тимот и главна точка на контакт со судијата на теренот, со задача да се фокусира на спорните ситуации. ВАР е придружуван од помошник видеоасистент-судија (АВАР), концентриран на следење на натпреварот, со тимот придружуван од тројца оператори, како и помошник за поддршка на ВАР.

Операторот за повторување на снимките, обучен за т.н. систем око соколово, има пристап до сите камери на кој било стадион, кои се поврзани преку наменска врска со влакна, што обезбедува доцнење на сликите не повеќе од 50 милисекунди. Како што натпреварите почнуваат, фасцинантно е да се набљудуваат постапките додека официјалните лица комуницираат со своите колеги на стадионот, пишува УЕФА. На пет минути до почетокот на мечот слушалките се вклучени, на една минута Фриц го притиска големото црвено копче пред него, што му овозможува да разговара со судијата на теренот, во случајот „Феликс Брих“, за последната аудиопроверка. И тоа е добра работа што ја прави, затоа што Брих не може да го слушне. Фриц се јавува кај Алесандро Ардуино, координатор на проектот ВАР, кој веќе беше зафатен таа вечер, снегот во Украина бара црвени линии на теренот и портокалова топка за натпреварот Динамо Киев – Баерн, а тоа, пак, значеше рекалибрирање на ВАР-технологијата за да се препознаат овие две нови бои, пишува УЕФА. Сега тој се враќа на телефон за да го реши недостигот од звук. Нема паника во собата, но има опиплива напнатост. Часовникот отчукува… Со почетокот на натпреварот, Фриц гледа пренос во живо од главната камера на стадионот и може да слушне сѐ што судијата и неговите помошници зборуваат во слушалките. Фриц смета дека е важно ВАР да ги поддржува своите колеги на теренот.

– Ако можам да му дадам доверба на судијата, тоа е добро за него. Не 500 пати во текот на натпреварот и не за секоја одлука, туку на секои 20 минути, зошто да не? Тоа му користи. Бидејќи не сум на стадионот, тука сум, но сакам да се чувствувам како дел од тимот – вели тој.
Претседателот на Комитетот на судии на УЕФА и поранешен меѓународен судија, Роберто Росети, пренесува дел од своите искуства.
– Во мое време, мојот говор во последен момент со моите колеги пред натпреварот беше: „Мора да видиме сѐ“. Немаше можност да се гледа повторно. Сите други можеа, но не и ние. Тоа беше парадоксот. Сега, подобро е затоа што можеме да користиме ВАР, најдобар во Европа. Квалитетот е приоритет. Имавме одлично ЕП, но сега целта е да се обидеме да го одржиме истото ниво. Совршен фудбал не постои, тоа е невозможно. Во оваа работа секогаш има простор за напредок. Никогаш не сме задоволни – вели претседателот на Комитетот на судии на УЕФА и поранешен меѓународен судија, Роберто Росети.