Најмногу фудбалерки мајки на ЕП 2022 има во селекцијата на Исланд, пет. Во 2017 година, во еден извештај на ФИФПРО беше наведено дека само два отсто од фудбалерките биле мајки и дека многу жени се откажале од фудбалот поради недостигот од политики за мајчинство како поддршка. Од лани, според новите правила на ФИФА, платено е породилното отсуство, со права за враќање по бременоста, доење и пристап до независни медицински совети. ФИФПРО го гледа тоа како прв чекор

НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА ЖЕНИ ЛЕТОВО

На Европското првенство (ЕП) за жени што ќе се одржи во Англија, од 6 до 31 јули, ќе има рекордна бројка фудбалерки мајки што би можеле да формираат свој прв тим со неколку замени. Најмногу фудбалерки мајки има во селекцијата на Исланд, пет. Вкупно, фудбалерките мајки може да се пофалат со повеќе од 400 репрезентативни натпревари за Исланд, пишува „Би-би-си“. Тоа објаснува зошто, за време на нивниот последен натпревар во квалификациите за Светското првенство (СП) во април, разговорот на една маса бил за бебињата.
– Се сеќавам дека бевме околу шест играчи, седевме со кафе и само разговаравме за нашите искуства од раѓање на бебињата – изјави за „Би-би-си“ најновата мајка во тимот, фудбалерката од средниот ред Сара Бјорк Гунарсдотир (31).
Во 2017 година, во еден извештај на Светскиот синдикат на играчи (ФИФПРО) беше наведено дека само два отсто од фудбалерките биле мајки и дека многу жени се откажале од фудбалот поради недостигот од политики за мајчинство како поддршка. Од лани, според новите правила на Светската фудбалска федерација (ФИФА), платено е породилното отсуство, со права за враќање по бременоста, доење и пристап до независни медицински совети. ФИФПРО го гледа тоа како прв чекор.

ЕП летово ќе претставува поинаков предизвик за некои фудбалерки, бидејќи ќе им биде дозволено да ги земат своите деца во тренинг-кампот само ако се на возраст под една година. Од Федерацијата на Исланд велат дека нема цврсто правило и оти тие се обидуваат да им помогнат на мајките врз индивидуална основа за да им биде удобно во кампот. Минатиот месец, селекторот Халдорсон ги смени термините за домашниот собир во тренинг-центарот за да може неговиот тим да помине што е можно повеќе време со своите семејства пред ЕП. Но 12-дневниот преткамп во Германија и во Полска пред почетокот на турнирот е друга приказна.
– Искрено, малку сум под стрес поради ЕП, бидејќи ќе ме нема некое време. Чувствувам дека уште сме многу поврзани, двајцата. Тешко е кога знам дека мојот син сака да биде со мене, а не може да биде. Ментално треба да останам фокусирана и секогаш кога ќе можам да излезам од хотелот, ќе го користам тоа време за да го видам семејството – вели Бринјарсдотир, чие бебе ќе може да ѝ се придружи на четвртото ЕП за неа, а Федерацијата ќе плаќа „лице за поддршка“ во текот на шампионатот.
Постојат различни „политики“ во селекциите, некои можат да ги видат своите деца во семејните денови, други во слободно време, шведската ФА нуди „семејно патување“ за најблиските да го следат тимот и да живеат заедно итн. Л.Д