Вкупната сума од околу 1,3 милион фунти за англиските фудбалерки на ЕП 2022 (најбогат договор досега) е значително помала од бонусот од пет милиони што ќе го добиеја фудбалерите на Англија за триумф на ЕП 2020, пишува „Телеграф“. Наградите на ЕП не се единствениот диспаритет помеѓу фудбалерите и фудбалерките, разлики има и во вкупните награди во ЛШ, ЕП и СП

Фудбалерките на Англија ќе добијат по 55.000 фунти (64.640 евра) доколку победат на Европското првенство (ЕП) што се игра во Англија. Тој договор е најбогат досега направен помеѓу Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) и фудбалерките, но вкупната сума од околу 1,3 милион фунти (1,53 милиони евра), сепак, е значително помала од бонусот од пет милиони фунти (5,88 милиони евра) што ќе го добиеја фудбалерите на Англија за триумф лани на ЕП 2020, пишува британскиот весник „Телеграф“.
Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе ги награди шампионките на ЕП со над два милиони евра во зависност од тоа на колку натпревари ќе победат. За споредба, Италија за освоената титула европски првак во 2021 година беше наградена со 34 милиони евра.
Англичанките добиваат по 2.000 фунти (2.350 евра) за настап на натпревар, што значи дека некои би можеле да заработат и до 72.000 фунти (84.620 евра) на крајот на еден успешен турнир за нив, што е повеќе отколку што многуте професионални фудбалерки во таа земја би заработиле во текот на две сезони. Просечната плата во женската Суперлига на Англија е помала од 50.000 фунти (58.760 евра). Извори за „Телеграф“ велат дека сите во репрезентацијата биле одушевени од договорот со ФА, а некои тие пари ги опишале како „сума што го менува животот“.
Наградите на ЕП не се единствениот диспаритет помеѓу фудбалерите и фудбалерките. Во Лигата на шампионите (ЛШ) машките клубови минатата сезона поделија 1,66 милијарда фунти, а женските 20 милиони. Наградниот фонд на Светското првенство (СП) во Катар ќе изнесува околу 335 милиони фунти, за СП 2023 за жени допрва треба да биде потврден, а засега се загарантирани 46 милиони фунти, пишува „Телеграф“. Л.Д.