Фото: Игор Бансколиев

Ова беше нешто крајно магично. Кога заврши мечот, навивачите не сакаа да си одат дома, имаше блиска врска меѓу нив и нас додека славевме. Видов многу девојки, деца со искра во очите. Неверојатно е да се биде дел од историјата, рече Алексија Путелјас, капитенка на Барселона и добитничка на „златната топка“, по женското „Ел класико“ во ЛШ на стадионот „Ноу камп“, пред 91.553 гледачи, со што е соборен 23-годишниот рекорд во однос на посетеноста

„Волшебна ноќ за женскиот фудбал“. На ваков начин Алексија Путелјас, капитенката на Барселона, го опиша играњето пред рекорден број гледачи, 91.553 на стадионот „Ноу камп“. Во женското „Ел класико“ (дерби во Шпанија), Барселона во совлада големиот ривал, Реал Мадрид, со 5-2 (вкупно со 8-3) и се пласира во полуфиналето на Лигата на шампионите (ЛШ).
Посетеноста на овој меч беше многу поголема од досегашниот рекорд за женски клупски натпревар, 60.739 гледачи, забележан на арената „Метрополитано“ во Мадрид, во првенствен меч помеѓу Атлетико и Барселона во март 2019 година. Бројката на „Ноу камп“ отиде многу повисоко, со што беше соборен 23 години стариот рекорд според посетеност, 90.195 гледачи, на мечот САД – Кина, на стадионот „Роуз боул“ во Пасадена, на Светското првенство (СП) 1999 година.
Добитничката на „златната топка“, Путелјас, која порасна гледајќи го машкиот тим на Барса, на „Ноу камп“, по мечот рече дека останала без зборови.
– Ова беше нешто крајно магично. Кога заврши натпреварот, навивачите не сакаа да си одат дома, имаше блиска врска меѓу нив и нас додека славевме. Видов многу девојки, деца со искра во очите. Неверојатно е да се биде дел од историјата – рече таа.
Од Барселона истакнуваат дека исполнувањето на најголемиот стадион во Европа ќе „испрати јасна порака до младите девојки низ светот – и вие можете да го направите тоа“.
Речиси сите 99.354 билети за „Ел класико“ беа купени или поделени бесплатно во огромната клупска кампања. Стадионот на почетокот од мечот беше исполнет до половина, но гледачите постојано пристигнуваа за на крајот да создадат вистинска карневалска атмосфера.