Потребна беше многу работа, но сега сѐ ми се враќа

ФУДБАЛ – ПАТРИК ШИК, НАПАЃАЧ НА ЧЕШКА И НА БАЕР

Слично како и на мечот со Шкотска на Европското првенство (ЕП) лани, кога постигна извонреден гол со удар од половината на теренот, Патрик Шик (25), напаѓачот на Чешка и на германскиот Баер, сезонава имаше моменти како „да лебди меѓу облаците“ како што вели самиот, во интервјуто за весникот „Индипендент“. Поминаа седум месеци откако го постигна тој гол во Глазгов, а тој ден останува почетна точка на уште една чудна траекторија. Можеби беше малку во сенка на Роберт Левандовски и на Ерлинг Холанд, но откако на ЕП стана заеднички најдобар стрелец, Шик полека, но сигурно, се трансформира во еден од најдобрите напаѓачи на континентот. Неодамна, во победата на Баер над Борусија Менхенгладбах (2-1), Чехот го постигна 18-от гол на само 16 меча во Бундес-лигата.
– Европското првенство ми даде само поголема самодоверба, затоа што сметам дека сега не правам нешто поинаку. Би рекол дека дојдов до момент во мојата кариера кога сум покомплетен играч. Потребна беше многу работа и сега, во овој момент, работата ми враќа сѐ – вели Шик.
Со впечатливо смирен лик, Шик не сака јавно многу да говори за макотрпната работа на тренинзите, а неговиот ум инстинктивно се враќа на друго лето, кое речиси го дефинира. Во 2017 година, откако постигна 11 гола во дебитантска сезона во Серија А, за Сампдорија, за Шик се заинтересираа дузина најголеми европски клубови. На крајот Шик се договори со Јувентус, се чинеше дека сѐ е готово и дури се фотографираше во опремата на „старата дама“, но неколку часа по завршувањето на медицинските прегледи се рашири веста дека е откриено некакво воспаление во неговото срце.

– Тоа беше шок, бидејќи не чувствував ништо. Мислев дека сум здрав човек. Откако ми рекоа дека има проблем со срцето, се разбира, бев загрижен за здравјето. Во мојата глава се всади мислата дека можеби ќе треба да престанам да играм фудбал – вели тој.
За среќа, по неколку недели, воспалението се намали, на Шик му беше дадена дозвола за играње фудбал, но стравот го промени текот на неговата кариера. Рома го ангажира за рекордна сума пари за клубот. Тоа донесе поинаков вид притисок, споредби и постојани шпекулации. Шик имаше проблеми, не се вклопи најдобро, постигна само пет првенствени гола во две сезони и не се двоуми да признае дека „тоа беше најтешкиот период во мојата кариера“. Бидејќи маките во Рим не беа решени, следуваше една сезона на заем во Лајпциг, под водство на Јулијан Нагелсман, што беше отскочна штица за трајно преселување во Леверкузен. Формата на Шик сезонава повторно го направи интересен за клубовите во Европа, особено за оние од Премиер-лигата. Тој не ја исклучува можноста да игра таму во иднина, но признава дека чувството да се биде како дома му помогнало да го даде најдоброто.
– Да почекаме и да видиме. Многу ги менував клубовите, шест за шест години, така што никогаш немав време да се чувствувам поопуштено. Навистина сум среќен во Леверкузен и со мојот живот во Германија, така што во овој момент не размислувам да бидам некаде на друго место. Ја гледам Премиер-лигата, ми се допаѓа Англија, но тоа не значи дека ќе играм таму – вели Шик.