Која професија да ја споменете, таа е обележје на една интересна фудбалска личност од овие наши македонски простори, Добре (Добрислав) Димовски. Тој покрај сето тоа што го има вложено во работата како педагог, фудбалер и тренер, сигурно е најзаслужен што на наша почва заживеа и женскиот фудбал. Беше селектор на сите женски фудбалски селекции на рамно 100 натпревари

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (241) Добре Димовски (1)

Во овие летни месеци кога почнуваат прелиминарните натпревари за европските фудбалски купови, во кои се вклучени и македонските клубови, дојдов на идеја да напишам нешто за некој фудбалер што во минатото ги бранел боите барем на еден од четирите наши клуба што годинава се појавија во Европа. Изборот падна на Добре Димовски, чие вистинско име е Добрислав. Да бидам искрен, иако генерациски сме тука некаде и често се среќававме на спортските терени, некогаш за маалските фудбалски екипи игравме и еден против друг, не знаев дека Добре е Добрислав. Ете, и тоа беше новост за мене.
– На времето, во училишните денови, сите млади се занимававме со многу спортови, но најпривлечен ни беше фудбалот. Дали тоа беше поради традицијата што ја имаше овој спорт во Скопје и во Македонија, дали за нас скопските деца поради Вардар, кој беше вистински македонски фудбалски бренд, не знам, но фудбалот ми легна на срце. Затоа, најчесто бев со топката на улица и меѓу двата гола што беа означени со по два камења наместо стативи. Па и топката беше далеку од онаа вистинската, најчесто фудбал со „шнирање“ – вели тој.

ВО ВАРДАР КАЈ ИЛЕШ ШПИЦ

Добре, кој слободното време го минувал играјќи фудбал, еден ден бил изненаден кога фатил „летка“ фрлена од хеликоптер, на која пишувало дека фудбалскиот клуб Вардар ќе врши селекција на талентирани деца. Воопшто не размислувал и веднаш се пријавил.
– Бевме рој од деца, нѐ имаше над стотина, а јас бев меѓу поситните. Покрај тоа бев и потстрижан, па си мислев без оглед како и да играм, којзнае дали некој од тренерите ќе ме забележи. Но не беше така, моето изненадување беше големо кога по тренингот кај мене дојде Илеш Шпиц и ми рече дека успешно сум поминал низ селекцијата и оти утредента треба да дојдам на тренинг. Бев многу радосен, зашто да те примат во пионерскиот тим на Вардар беше голема работа. Тоа беше желба на секое скопско дете. Оттогаш, во таа 1959 година, почна моето организирано занимавање со фудбал под будното око на вардаровите тренери предводени од славниот Шпиц – вели Добре.
Љубовта кон спортот била причина Добре да се запише во Средното фискултурно училиште, со што на некој начин беше определен неговиот животен пат. Целиот работен век го помина како професор во училиштата „Иво Лола Рибар“, потоа „Браќа Рибар“, и „Корчагин“. Тој како искусен и врвен педагог настојуваше да ги насочи децата на вистинскиот пат, така што низ негови раце поминаа многу генерации, кои и денес се сеќаваат на својот професор.
– Чичко ми беше познатиот првотимец на Вардар, Павле Георгиевски – ме изненади Добре. – Се гордеев со овој факт и посакував еден ден да станам како него. Затоа, со оглед на тоа што основните елементи во фудбалот ги имав поминато, а со желба што побрзо да заиграм пред публика од школата на Вардар заминав во екипата на Канал. Не чудете се, така се викаше тимот што го доби името по каналот што го сечеше Тафталиџе и се вливаше во Вардар. Тоа не беше воопшто наивен клуб, туку клуб со организација, но и маалски шарм. Играв за него во Општинската лига, кога еден ден ми пријде популарниот Мариовец, кој, пак, беше легенда на Локомотива, која се натпреваруваше во Третата лига, и ми понуди да дојдам во нивниот клуб. Тоа беше веќе напредок за мене, значи вредам штом на тие години ме бараат да играм со Бошко Ангелковски, потоа Тодоровски, Христовски, Бундалевски, кој потоа долго време, како и Ангелковски, дотурка до судија од сојузен ранг. Подоцна низ клубот поминаа и, за жал, покојните Цубалевски и Анчевски, кои беа едни од најпознатите македонски фудбалери во тоа време, особено откако заиграа за Работнички во Втората југословенска лига – вели тој.

ВО СОСТАВОТ НА ПОВЕЌЕ ПОЗНАТИ КЛУБОВИ

Денеска, ако sирнете во фудбалската биографија на Димовски, ќе видите дека тој се наоѓал во составот со фудбалери во повеќе македонски клубови.
– По почетните игри за Канал и за Локомотива, отидов во Борец од Велес, кој беше навистина добро организиран клуб со големи амбиции. Тогаш тренер беше еден од најпознатите имиња во стручната фела, Божиќ. Во подготвителниот период немаше средба на која не постигнував по еден, некогаш и повеќе голови. Но кога почна првенството никако не успевав да ја затресам противничката мрежа. Низ градот веќе се коментираше во стилот „каде го најдовте, кој е овој фудбалер, кој гол не може да даде“. Вака беше во првите три кола, во кои не постигнав гол и мислам дека беше оправдана реакцијата на симпатизерите на Борец. Иако и мене ме имаше зафатено нервоза, конечно дојдоа и моите пет минути. На средбата со Тиквеш до 84. минута губевме со 0-1. Конечно во финишот добив една високо нафрлена топка, а јас иако најмал од сите стигнав прв до неа и со глава ја пласирав во голот. Тоа беше израмнување. Но радоста на навивачите на Борец беше уште поголема, кога во самиот финиш на ист начин постигнав и втор гол за победа на Борец со 2-1. Тоа беа два гола за пресврт и од тој момент немаше сомнеж меѓу велешани дека Божиќ не згрешил што ме довел во нивниот тим – вели Добре.
Посебно Димовски бил задоволен, кога по мечот му пришол легендарниот кавадаречки фудбалер и тренер Малинков и му рекол „само продолжи вака, ти претстои убава кариера“. Овие зборови на охрабрување беа зачинети со уште едно задоволство. По средбата, откако се облекол и тргнал да замине од соблекувалната, забележал дека во џебот од пантолоните има пари.
– Бев зачуден, што е ова? Но дилемата брзо беше расчистена откако капитенот на Борец ми рече дека претседателот на клубот на таков начин го наградува најдобриот играч по секој натпревар. Ете и тоа „чудо“ го доживеав – раскажува Добре.
Во текот на 12-годишното активно играње фудбал, Димовски помина и низ други клубови. Тој во неколку наврати заминуваше и се враќаше во тимот на Цементарница.
– Тука се чувствував најпријатно и секогаш со задоволство играв за „цементарците“. Тоа беше добро организиран клуб, со сопствен стадион и силен спонзор, така што сите скопски фудбалери посакуваа да дојдат во него. Покрај тоа, тренер беше легендарниот фудбалер Тодор Балевски-Велфл, кој уште повеќе го креваше рејтингот на клубот. Можеби затоа откако ќе заминев и ќе видев како е во другите средини повторно се враќав во популарниот ФЦУ – вели Добре Димовски.

ОД РЕВОЛТ – ФРЛЕН ДРЕСОТ

Добре Димовски како „птица преселница“ помина низ речиси сите скопски клубови. Тој настапуваше за Работнички и за Балкан, а кога мислеше да стави крај на кариерата и да стане фудбалски судија, по иницијатива на тренерот Игњатовски, кого многу го почитуваше Димовски, заигра за Југококта.
– Во клубот дојдов со големо задоволство зашто сметав оти Ѓорче ќе биде вистинската средина во која конечно ќе можам фудбалски да се удомам. Но како насекаде и овде се случи еден настан што многу влијаеше врз мене и воопшто мојата кариера. Пред натпреварот со Куманово му најавив на стручниот штаб оти поради некои домашни обврски малку ќе задоцнам на загревањето. Така и се случи, доцнев десетина минути, набрзина го облеков дресот и излегов на загревање. Меѓутоа, во истиот момент почувствував дека нешто се случува. Моите соиграчи одвај потрчнуваа на загревањето, безволно си поигруваа со топката и чекаа натпреварот да почне. Што е работава, што сте такви прашав неколкумина околу мене. Сите молчеа, а некој срамежливо дофрли: „Како да не бидеме такви, кога добивме налог од Управата да играме 0-0 или 1-1“. Како сите да заборавија каков ќотек ни удрија кумановчаните на гостувањето кога со сила нѐ победија со 2-1. Сега, требаше да им подариме еден бод за да бидат шампиони. Тоа не можев да го поднесам, го соблеков дресот, го фрлив и си заминав. На трибините имаше околу 5.000 гледачи, кои по мојот гест сфатија дека нешто се случува. Си заминав, не ме интересираше ниту резултатот ниту играта. По неколку дена дојдоа навивачите на Југококта со тапани пред мојот дом, да ме молат да се вратам во екипата. Не можев да го сторам тоа, па набрзо потоа заминав во Канада, каде што во Торонто една година настапував за клубот на Македонците – вели Димовски.
За она што се случуваше подоцна во кариерата на Добре Димовски, кој меѓу другото ја запали иницијалната капсла за развојот на женскиот фудбал во Македонија, ќе читате идната недела.


ДОБРЕ ДИМОВСКИ

Роден: во 1944 година во селото Модриште (Македонски Брод)
Кариера: Вардар, Канал, Локомотива, Борец, Југококта, Балкан, Работнички, Цементарница, клубот на Македонците во Торонто
Тренер: Работнички, Југококта (Македонија ЃП), Цементарница, Балкан, Слога, Маџари, Саса, Рудар (Пробиштип), Борец, Куманово, Гостивар, Осогово
Селектор: 10 години селектор со 100 натпревари со сите македонски женски селекции и најголем промотор на женскиот фудбал во нашата држава. Сега ја води Академијата за женски фудбал во ФФМ.