Останаа уште 15 мундијалски билети

ФИФА потврди дека домаќинот Катар ќе биде меѓу носителите, во првиот барабан, заедно со седумте најдоброрангирани на листата на ФИФА што ќе биде објавена на 31 март

ФУДБАЛ – ПРЕД ЖДРЕПКАТА НА ГРУПИТЕ ЗА СП 2022

Иако не се познати сите репрезентации-учеснички (од вчера вкупно 17 селекции) на Светското првенство (СП) во Катар годинава, Светската фудбалска федерација (ФИФА) објави како ќе се одвива ждрепката што треба да се влече во Доха на 1 април. Дотогаш треба да бидат потврдени 29 од 32-те селекции (преостанатите три во јуни) што ќе настапат на турнирот, кој ќе трае од 21 ноември до 18 декември.
ФИФА потврди дека домаќинот Катар ќе биде меѓу носителите, во првиот барабан, заедно со седумте најдоброрангирани репрезентации на листата на ФИФА што ќе биде објавена на 31 март.
– Земјите од осмото до 15-то место ќе бидат во вториот барабан, оние од 16-то до 23-то во третиот барабан и, на крајот, во четвртиот барабан тие од 24-то до 28-то место, плус победниците од интерконтиненталниот плејоф и преостанатиот победник во плејофот на УЕФА – наведува ФИФА.
Во моментов на првите седум места на ранг-листата на ФИФА се Белгија, Бразил, Франција, Аргентина, Англија, Италија и Шпанија, но ова може да се промени кога листата ќе се ажурира на крајот од март.

На СП 2022 селекциите (последно СП со 32 репрезентации, бидејќи на СП 2026 ќе има 48 учесници) ќе бидат распоредени во осум групи, по четири репрезентации. Во секоја група ќе нема повеќе од една нација од иста конфедерација, освен од Европа, која дава 13 селекции, најмногу во завршницата, и која е исклучок од принципот на ФИФА за одвојување на тимовите од иста конфедерација.
Во групната фаза, која ќе трае 12 дена, ќе се играат по четири натпревари секој ден, по што двете најдобри селекции од осумте групи ќе се пласираат во нокаут-фазата, во осминафиналето. По групната фаза, која ќе трае од 21 ноември до 2 декември, на ред ќе биде осминафиналето, од 3 до 6 декември, па четврт-финалињата, на 9 и на 10 декември, полуфиналињата на 13 и 14 декември и финалето на 18 декември. За разлика од европските првенства, на СП се игра и натпревар за трето место, кој е предвиден за 17 декември.


Почетоците на мечевите се во пет термина, од 11 до 20 часот

Светската фудбалска федерација (ФИФА) потврди дека натпреварите по групи на Светското првенство годинава во првите две кола ќе почнуваат во 11, 14, 17 и во 20 часот по средноевропско време. Почетоците на мечевите во последното коло во групната фаза и во нокаут-рундите се во 16 и во 20 часот. Финалето треба да почне во 16 часот. Натпреварите на СП 2022 во Катар ќе се играат на осум стадиони, турнирот треба да почне на 21 ноември (понеделник) на стадионот „Ал Бајт“, со натпревар на кој ќе настапи земјата домаќин, Катар. Финалето треба да се одигра на стадионот „Лусаил“ во Доха, в недела, на 18 декември.


УЧЕСНИЦИ НА СП 2022

ДОСЕГА ПЛАСИРАНИ: Катар, Иран, Јужна Кореја, Јапонија, Саудиска Арабија (Азија), Германија, Данска, Франција, Белгија, Хрватска, Шпанија, Србија, Англија, Швајцарија, Холандија (Европа), Бразил, Аргентина (Јужна Америка)
СЛОБОДНИ СЕ УШТЕ 15 МЕСТА: на СП 2022 ќе играат уште пет селекции од Африка, по три од Европа и од Северна Америка, две од Јужна Америка и уште две победници на интерконтиненталните баражи (Азија – Јужна Америка, Океанија – Северна Америка)