Жоао Педро/Фото: Твитер - Калјари

Италијанскиот селектор Роберто Манчини ја објаснуваше одлуката за изоставање на Марио Балотели од репрезентацијата, во пресрет на полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство во Катар во кое актуелниот европски првак ќе се соочи со Македонија в четврток во Палермо. Натурализираниот Бразилец Жоао Педро кој настапува за Калјари е повикан наместо Балотели во составот на „аѕурите“.

– Ги повикав оние што можат да бидат покорисни. Имаме само неколку тренинзи. Нема многу време за испробување на нови нешта. Основата е направена од фудбалери кои беа дел од тимот на Европското првенство, со исклучок на Федерико Бернардески кој не е потполно подготвен. Не можев да повикам 40 фудбалери. Повикавме напаѓачи со различни карактеристики за овие мечеви – кажа Манчини на прес-конференцијата пред мечот.

Триесетгодишниот Жоао Педро забележа 10 гола и четири асистенции на 29 мечеви во италијанската Серија А сезонава. Марио Балотели моментно настапува за турска Адана, а последен пат го носеше дресот на Италија во 2018 година.

– Нема големи причини зошто го избрав Педро пред Балотели. Дури и во смисла на бројките, не можев да сторам нешто различно. Секогаш е тажно да изоставите некој, без разлика дали станува збор за Балотели, Давиде Калабрија или за Бернардески, но тоа е мојот избор. Жоао Педро може да игра различни улоги во нападот – кажа Манчини.

Италија ќе ја пречека Македонија во Палермо в четврток (од 20.45 часот), а подобриот од овој дуел идниот вторник ќе се сретне со победникот од мечот Португалија – Турција во финалето на баражот за пласман на СП.


Манчини: Натпреварот со Македонија не го сметаме за добиен однапред

Селекторот на Италија, Роберто Манчини на прес-конференција пред мечот со македонската фудбалска репрезентација рече дека е оптимист, но потенцира дека победата треба да се потврди на теренот.

– Нема да бидат лесни натпревари, два лесни натпревари, се разбира, не требаше да влеземе во таква ситуација и ќе го поминеме тешкиот пат. Натпреварот со Македонија нема да го сметаме за добиен однапред. Оптимист сум, но не ја отпишуваме македонската репрезентација. Но, нашата цел не е само да се пласираме на Светското првенство, туку и да го освоиме – изјави Манчини.