Фото: Игор Бансколиев

Според пресметките на весникот „Гардијан“, во петте најсилни европски лиги до вчера се направени 492 трансфер-зделки, со вкупна вредност од 1,5 милијарда евра, од тоа најмногу во Премиер-лигата (Ливерпул го направи најскапиот трансфер досега). Лани биле направени 1.555 трансфери, со вкупна вредност од малку над три милијарди евра. Летниот преоден рок трае до 1 септември

ФУДБАЛ – ЛЕТЕН ПРЕОДЕН РОК

Летниот преоден рок е во полн ек, а неколку клуба од англиската фудбалска Премиер-лига, каде што тој почна на 10 јуни, беа доста активни на трансфер-пазарот во обидите да ги засилат тимовите пред почетокот на новата сезона, која, пак, ќе почне порано, во почетокот на август, поради Светското првенство (СП) во Катар во ноември и во декември. Според пресметките на весникот „Гардијан“, во петте најсилни европски лиги (во Премиер-лигата, потоа во шпанската Ла лига, во италијанската Серија А, во германската Бундес-лига и во француската Лига 1, каде што преодниот рок почна на 1 јули и ќе трае до 31 август, а некаде до 1 септември), досега (до вчера) се направени 492 трансфер-зделки, со вкупна вредност од 1,3 милијарда фунти (1,5 милијарда евра), од тоа најмногу во Премиер-лигата. За споредба, лани биле направени 1.555 трансфери, со вкупна вредност од 2,66 милијарди фунти (малку над три милијарди евра), што е најава дека нѐ очекува „жешко лето“.
Ливерпул го направи најскапиот трансфер досега, со ангажирањето на уругвајскиот напаѓач Дарвин Нуњез од Бенфика за рекордни за клубот 85 милиони фунти (98,6 милиони евра). Но дел од тие пари „црвените“ вратија со продажбата на Садио Мане на Баерн за 40 милиони евра. Шампионот Манчестер сити го засили нападот со Норвежанецот Ерлинг Холанд, за кого на Борусија Дортмунд ѝ плати 51 милион фунти (60 милиони евра), по што веќе почнаа споредбите за тоа кој ќе од нив постигне повеќе голови во следната сезона. Сити е пред финализирање и на трансферот со играчот од средниот ред на Лидс, репрезентативецот Калвин Филипс, за 45 милиони фунти (52,2 милиони евра).
Тотенхем беше еден од најактивните клубови во првите денови од преодниот рок. Тимот од северен Лондон се засили со бразилскиот напаѓач Ричарлисон, од Евертон, за 60 милиони фунти (70 милиони евра). Други позабележителни засилувања се Иван Перишиќ, кој повторно ќе соработува со поранешниот менаџер Антонио Конте, откако пристигна како слободен играч од Интер, и Ив Бисума, кој беше ангажиран од Брајтон за 35 милиони фунти (40,6 милиони евра). Во меѓувреме, Арсенал го купи играчот од средниот ред на Порто, Фабио Виеира за 34 милиони фунти (околу 40 милиони евра), а наскоро се очекува официјализирање на зделката со Сити за напаѓачот Габриел Жесус за 45 милиони фунти (52,2 милиони евра).

Двата клуба од северен Лондон се вклучени и во можниот трансфер на крилниот напаѓач на Лидс, Рафиња, а во „игра“ е и Барселона, како и Челси, кој засега уште нема ангажирано ниту еден играч. Челси сака да се засили во нападот и да најде замена за Ромелу Лукаку, кој се врати во Интер, на заем. Покрај Рафиња, Челси е заинтересиран за Рахим Стерлинг од Манчестер сити. Локалниот градски ривал, Манчестер јунајтед, кој има нов менаџер, Ерик тен Хаг, исто така уште е без засилувања, но има сугестии дека е можен договор со левиот бек на Феенорд, Тајрел Маласија, но и за играчот од средниот ред на Барселона, Френки де Јонг, кој не сака да замине од каталонскиот клуб.
Кристијано Роналдо (37) сака да го напушти Манчестер јунајтед доколку клубот добие соодветна понуда за него. Португалецот, кој лани се врати на „Олд Трафорд“ од Јувентус, беше најдобар стрелец на Јунајтед во минатата сезона, трет во Премиер-лигата. Јунајтед беше шести во Премиер-лигата и нема да игра во Лигата на шампионите (ЛШ), што значи дека Роналдо, кој има уште една година од договорот со Јунајтед, се соочува со играње во Лига Европа (ЛЕ), првпат во кариерата.


Салах уште три сезони во Ливерпул

Египќанецот Мохамед Салах (30) потпиша нов тригодишен договор со англискиот фудбалски премиерлигаш Ливерпул.
– Се чувствувам одлично и возбуден сум што ќе освојувам нови трофеи со клубот. Ова е среќен ден за сите нас. Беше потребно малку време за да се обнови договорот, но сега сѐ е готово и треба да се фокусираме на следните цели. Последните пет-шест години секогаш одевме нагоре. Во минатата сезона бевме блиску до четири титули, но, за жал, во последната недела од сезоната загубивме два трофеја. Имаме и нови засилувања, но треба да продолжиме да работиме напорно, да имаме добра визија, да бидеме позитивни и повторно да атакуваме на сите трофеи – изјави Салах по потпишувањето на договорот.
Салах постигна 156 гола на 254 натпревари за петте сезони на „Енфилд“ откако пристигна од Рома во 2017 година. Тој со Ливерпул ги освои Лигата на шампионите (ЛШ), Премиер-лигата, ФА и Лига-купот, клупското Светско првенство на ФИФА и Суперкупот на УЕФА. Исто така, тој освои или подели три „златни копачки“ како најдобар стрелец во Премиер-лигата и двапати беше прогласен за играч на годината во Англија. Л.Д.