Вечерва играат Вилјареал – Ливерпул (по првиот меч 0-2), а утре Реал Мадрид – Манчестер сити (3-4). Досега во осум финалиња играле тимови од иста земја, по трипати од Англија и од Шпанија и по еднаш од Германија и од Италија

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ПОЛУФИНАЛЕ, РЕВАНШИ

Двата англиски тима, Ливерпул и Манчестер сити, имаат предност по првите дуели дома со шпанските екипи Вилјареал, односно Реал Мадрид, а пред реваншите вечерва и утревечер, во полуфиналето во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Досега во осум финалиња играле тимови од иста земја, по трипати од Англија и од Шпанија и по еднаш од Германија и од Италија.
Ливерпул е во фаворитска улога по победата над Вилјареал со 2-0 на првиот меч на стадионот „Енфилд“ минатата среда, но домашната форма на „жолтата подморница“ е причина за оптимизам кај аутсајдерот, пишува на интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА). Една од дилемите што ќе биде решена вечерва е дали Ливерпул ќе остане во трка за освојување четири трофеи сезонава. Ставот на Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, за потенцијална „четворка“ малку омекна во изминатите неколку недели од „не е реално“ до „не ни претпоставував дека ќе бидеме на оваа позиција“.
„Црвените“ веќе го освоија Лига-купот на Англија, со Манчестер сити се во трка за титулата во Премиер-лигата, а со Челси ќе играат во финалето на ФА-купот. Многумина веќе ги гледаат и во финалето на ЛШ, но начинот на кој Клоп ја поздрави победата со 2-0 во првиот дуел сугерира дека нема простор за преголемо самозадоволство пред реваншот, но и пред другите важни мечеви што претстојат. Само еден тим досега, Селтик, во 1967 година, освои четири трофеи во една сезона (три домашни и пехарот за европски првак).
Вилјареал ќе се обиде да ја искористи предноста на домашниот терен и со многу подобра игра отколку на првиот меч да направи подвиг.

– Ќе биде поинаку на стадионот „Ла Керамика“ – рече тренерот Унаи Емери по тој меч.
Неговиот и оптимизмот на неговиот тим има основа во фактот дека „жолтата подморница“ не е поразена дома повеќе од пет месеци. Како и Ливерпул, и Баерн беше огромен фаворит во четврт-финалето, но беше елиминиран, претходно и Јувентус во осминафиналето.
Манчестер сити пропушти шанса за поубедлива победа на првиот меч, во кој имаше неверојатни 77 напади, многу повеќе од мадридскиот тим, 28.
– Почнавме добро и можевме да го решиме мечот. На вакви дуели треба да се искористуваат шансите – изјави напаѓачот на Сити, Фил Фоден.
Карим Бензема блеска сезонава во Реал Мадрид. Тој никогаш не постигнал повеќе од седум гола во ЛШ во една сезона пред оваа, а досега веќе ги удвои. Французинот постигна девет гола во нокаут-фазата, еден помалку од рекордните 10 на Кристијано Роналдо во сезоната 2016/2017 и му требаат уште три за да ги достигне 17-те на португалскиот напаѓач во сезоната 2013/2014.


ПОЛУФИНАЛЕ, РЕВАНШИ

ДЕНЕСКА
Вилјареал – Ливерпул (0-2)
УТРЕ
Реал Мадрид – Манчестер сити (3-4)
Дуелите се од 21 часот, во заграда се резултатите од првите мечеви