Ристовски (лево) и Фернандеш во дресот на Спортинг/Фото: Инстаграм - принт-скрин

Се оствари желбата на капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија Стефан Ристовски да игра против својот голем пријател, Португалецот Бруно Фернандеш, во баражот за пласман на Светското првенство (СП) во Катар. Македонија ќе гостува кај Португалија во Порто во вторник, во решавачкиот меч за пласман на Мундијалот, откако двете селекции славеа во вчерашните полуфинални дуели против Италија (1-0), односно против Турција со (3-1). Фернандеш синоќа одигра 80 минути пред да биде заменет.

„Те чекам“ напиша Ристовски на Инстаграм во пораката упатена до Фернандеш во пресрет на извлекувањето на ждрепката за плејофот за СП.

Нивното пријателство датира од периодот кога двајцата настапуваа заедно во португалски Спортинг Лисабон, а Фернандеш и Ристовски честопати јавно комуницираат преку социјалните мрежи. Ристовски своевремено на Инстаграм објави фотографија на која Фернандеш го носи дресот на македонската фудбалска репрезентација.

Фернандеш во дресот на македонската репрезентација: Фото: Инстаграм – принт-скрин

Ѕвездата на англиски Манчестер јунајтед и на португалската репрезентација, пак, во повеќе наврати имаше пофалби за Ристовски. Кога македонскиот дефанзивец ја носеше капитенската лента во Спортинг, Фернадеш му порача преку Инстраграм „никогаш не сум видел странец толку да го почитува клубот и толку да е посветен на нашата земја и на клубот кој го претставува! Ти го заслужуваш ова и уште повеќе“.

А по заминувањето на Ристовски од португалскиот клуб, при трансферот во Динамо Загреб, Фернадеш изрази благодарност кон својот пријател, истакнувајќи „ти благодарам за се што направи за мене за клубот во целиот период во кој беше таму, беше господар во целиот тој период и заслужуваш нова шанса за да ја демонстрираш твојата вредност. Твојот успех ќе биде и мој успех“.

Фото: Инстаграм/Принт-скрин

Се очекува Ристовски и Фернандеш да се најдат на спротивни страни во вторник во Порто, водејќи беспоштедни дуели во обидот со своите селекции да стигнат до Мундијалот во Катар.

Португалскиот весник „А Бола“ напиша дека Ристовски го предводел славјето на македонската фудбалска репрезентација во Палермо по триумфот над Италија, посветувајќи му внимание на поранешниот фудбалер на Спортинг Лисабон.