Жозе Мурињо/Фото: Твитер - Рома

Трофејниот португалски тренер Жозе Мурињо ја предупреди Италија да не ја отпишува Македонија во претстојниот меч од баражот за пласман на Светското првенство (СП) во Катар. Стратегот кој моментно ја предводи италијанска Рома, порача дека ќе навива за Португалија во баражот, која е потенцијален противник на подобриот од дуелот помеѓу Македонија и Италија. Португалците ќе се сретнат со Турција во второто полуфинале од доигрувањето.

– Не смееме да заборавиме на Турција и на Македонија. Турција ќе биде тежок противник за нас, никој не може да очекува да бидам неутрален. Ја сакам Италија, го сакам животот тука и сум благодарен за тоа што го доживеав во Интер и сега во Рим. Но напред Портуалија – порача Мурињо.

Португалскиот тренер и најдобриот македонски фудбалер на сите времиња Горан Пандев со Интер стигнаа до тројната круна во 2010 година, освојувајќи ги италијанското првенство и купот, како и Лигата на шампионите.

Македонија ќе се соочи со Италија во Палермо в четврток (од 20.45 часот). Победникот од овој дуел ќе игра против подобриот од пресметката Португалија – Турција, во финалето на баражот за пласман на СП, на 29 март во Лисабон.