Фото: Принт-скрин

Селекторот Благоја Милевски и капитенот Стефан Ристовски истакнаа дека фудбалската репрезентација на Македонија треба да се подготви за финалето од баражот против Португалија во вторник во Порто, каде што ќе оди на победа за историски пласман на Светското првенство во Катар.

– Им реков на момците да уживаат и ме послушаа. Секоја чест за нив, но и за Италија. Сега одиме на Португалија. Вечерва ќе славиме, но потоа мораме да се подготвиме за последната пречка пред Светското првенство – кажа Милевски.

Стефан Ристовски доби бројни дуели на вечерашниот натпревар со „аѕурите“, а во вторник го очекува соочување со Кристијано Роналдо, Диого Жота, Бернардо Силва и со другите ѕвезди од португалската репрезентација.

– Не знам што се случи, но знам дека го елиминиравме европскиот првак. Сега одиме за Португалија и секако одиме на победа – истакна Ристовски, додавајќи оти сака да доживее пречек на плоштадот во Скопје и за фудбалската репрезентација.

Португалија вечерва беше подобра од Турција со 3-1 во полуфиналниот дуел од баражот за СП одигран во Порто.