Благоја Милевски/Фото: ФФМ

Фудбалската репрезентација на Македонија утре ја пречекува Грузија (од 20.45 часот) во мечот од 3. коло од Лигата на нациите (ЛН) што ќе се одигра на националната арена „Тодор Проески“.

Ривалот славеше во првите две средби од натпреварувањето при што беше особено импресивен на гостувањето против Бугарија со 5-2, покрај триумфот над Гибралтар од 4-0. „Црвено-жолтите“, пак, имаат победа против Гибралтар (2-0) и реми со Бугарија (1-1). Ова е прво соочување на двете селекции по историскиот бараж за пласман на Европското првенство во 2020 година во кој Македонија победи со 1-0 на гости.

– Ги анализиравме Грузијците кои одиграа одличен натпревар против Бугарија, но секој меч е приказна за себе, па ќе видиме што ќе се случува утре. Се надевам дека ќе имаме добро издание и дека Македонија ќе го диктира ритамот – истакна Милевски, нагласувајќи дека претходното соочување против Грузија во баражот за ЕП 2020 нема никаква поврзаност со утрешниот дуел.

Столе Димитриевски/Фото: ФФМ

Голманот Столе Димитриевски очекува поддршка од навивачите.

– Мојата мисија е да ја сочувам мрежата. Јас уживам кога играме на домашен терен. Се надевам дека навивачите ќе дојдат во голем број и ќе нѐ бодрат, а ние ќе им се оддолжиме со голема борба и се надевам со победа – порача Димитриевски.

По дуелот со Грузија, Македонија го пречекува Гибралтар в недела (од 18 часот), исто така во рамките на ЛН.