Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нѐ чекаат шест тешки натпревари. Императив во оваа селекција е секој да го даде најдоброто од себе. Фудбалерите да покажат дека имаат потенцијал, да го дадеме максимумот и на крајот да видиме што ќе ни донесе тоа. Ниту јас ниту стручниот штаб не живееме во минатото. Зад нас ги оставаме Италија и Португалија и ќе се обидеме најдобро што можеме да се носиме со новите предизвици. Покажавме дека можеме да бидеме конкурентни во Европа, но треба да продолжиме во таа насока, рече селекторот Благоја Милевски

ФУДБАЛ – ПОЧНУВА ТРЕТАТА СЕЗОНА НА ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ

Македонската фудбалска репрезентација вчера ги почна подготовките за серијата од четири меча за 10 дена во почетокот на третата сезона на Лигата на нации. Македонија е во лигата Ц, групата 4. Победникот на групата ќе се пласира во лигата Б и во полуфиналето на баражот на лигата Ц, за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година во Германија.
Црвено-жолтите прво играат на гости со Бугарија на 2 јуни, потоа следува гостувањето кај Гибралтар на 5 јуни, а овој циклус се заокружува со два натпревара дома, со Грузија на 9 јуни и со Гибралтар на 12 јуни. Уште два меча од групната фаза на Лигата на нациите ќе се играат во септември. Од првичниот состав што го објави Милевски за мечевите во јуни на подготовките нема да бидат капитенот Стефан Ристовски и Ердал Ракип, по што селекторот на располагање ќе има 26 фудбалери.
– Ние сме во група со квалитетни противници. Квалитетот е израмнет, а не го запоставувам ниту Гибралтар, иако многумина го сметаат за аутсајдер. Нашата цел е освојување на првото место во септември, кога завршува циклусот. Нѐ чекаат шест тешки натпревари. Императив во оваа селекција е секој да го даде најдоброто од себе.

Фудбалерите да покажат дека имаат потенцијал, да го дадеме максимумот и на крајот да видиме што ќе ни донесе тоа. Ниту јас, ниту стручниот штаб не живее во минатото. Зад нас ги оставаме Италија и Португалија и ќе се обидеме најдобро што можеме да се носиме со новите предизвици. Шанса за настап и за потврда на својот потенцијал ќе добијат сите, ќе правиме ротации, а ќе бидеме задоволни ако го видиме квалитетот и потенцијалот на фудбалерите покажувајќи ни дека можеме да сметаме на нив во иднина, затоа што за нас целта останува ЕП 2024. Базата ја имаме, ја направивме во 2015/2016, сега го освежуваме тимот со млади фудбалери од репрезентацијата до 21 година. Покажавме дека можеме да бидеме конкурентни во Европа, но треба да продолжиме во таа насока – рече селекторот Благоја Милевски, пренесе Фудбалската федерација на Македонија на својата интернет-страница.
Македонската репрезентација во првата сезона на Лигата на нациите играше во лигата Д, го освои првото место во групата, а потоа победи и во баражот и се пласира на Европското првенство што се играше лани. Во втората сезона на Лигата на нациите, Македонија настапи во лигата Ц и го освои второто место во групата 2, зад Ерменија, а пред Грузија и Естонија.