Се очекува Манчестер сити деновиве официјално да ја активира откупната клаузула од 75 милиони евра во договорот на Холанд со Борусија и да потпише петгодишен договор, вреден околу 125 милиони евра. Вкупната сума би можела да достигне 250 милиони евра, откако ќе се пресметаат процентите за агентите, претставниците и други хонорари. Холанд ќе му се приклучи на клубот каде што играше неговиот татко

ФУДБАЛ

Манчестер сити е пред официјализирање на договорот со Норвежанецот Ерлинг Холанд, фудбалерот на Борусија Дортмунд, што би можел да достигне сума од 213 милиони фунти (250 милиони евра), пишува британскиот весник „Телеграф“. Се очекува Манчестер сити деновиве официјално да ја активира откупната клаузула од 75 милиони евра во неговиот договор со Борусија и да потпише петгодишен договор, вреден околу 107 милиони фунти (125 милиони евра). Вкупната сума од договорот би можела да достигне 213 милиони фунти, откако ќе се пресметаат процентите за агентите, претставниците и други различни хонорари во вредност од 50 милиони евра, пишува „Телеграф“.
Борусија потврди дека Холанд, кој на 88-те меча постигна 85 гола, добил дозвола да ги реши „личните работи“, но очекува да се врати и да го одигра последниот натпревар од сезоната во Бундес-лигата против Херта, в сабота, кога ќе има шанса лично да се збогува со публиката на стадионот „Вестфален“.
Неделната плата на Холанд ќе изнесува околу 400.000 фунти (околу 468.000 евра), вклучувајќи ги и бонусите, колку што заработуваат најплатените играчи на Манчестер сити, Кевин де Брујне и Џек Грилиш, но, сепак, помалку од Кристијано Роналдо, напаѓачот на Манчестер јунајтед, кој е најплатениот играч во Премиер-лигата, пишува „Телеграф“. Имало некои најави дека Холанд ќе заработува повеќе од 500.000 фунти неделно, но Манчестер сити нема намера да ја наруши клупската структура за плати, пишува „Телеграф“.
Манчестер сити беше заинтересиран за Холанд и минатото лето, но германскиот клуб ја одби понудата, бидејќи Џејдон Санчо замина во Манчестер јунајтед, по што вниманието го насочи кон англискиот напаѓач Хари Кејн од Тотенхем. Но и од тоа ништо не излезе. Пеп Гвардиола и понатаму е голем обожавател на Кејн, но Холанд, кој е седум години помлад, се смета за подобра долгорочна инвестиција за Манчестер сити и го означува крајот на потрагата по наследник на Серхио Агуеро.
Холанд ќе му се приклучи на клубот каде што неговиот татко, Алф-Инге Холанд, играше од 2000 до 2003 година. Ерлинг е роден во јули 2000-та, кога неговиот татко се пресели од Лидс во Манчестер сити. Поранешните клубови на Холанд, Брин, Молде и Салцбург, треба да добијат „солидарни исплати“ од трансферот, во вкупна вредност од 3,2 милиони фунти (3,8 милиони евра), за нивниот удел во развојот на Холанд.
Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, кој се трка со Манчестер сити за титулата, изјави дека најавените бројки ќе „постават нови нивоа“ во однос на трансферите, пренесува „Телеграф“.