Студијата открива дека „црвените ѓаволи“ за купување играчи потрошиле 1,545 милијарда евра, од кои од продажбата на некои вратиле само 470 милиони

ФУДБАЛ – СПОРЕД ЦИЕС

Премиерлигашот Манчестер јунајтед има најголеми загуби при трансфер-зделките во Европа во последната деценија, според швајцарскиот институт за спортски судии ЦИЕС. Од 2012 година Манчестер јунајтед има негативна нето-потрошувачка од над една милијарда евра, што е повеќе од градскиот ривал, Манчестер сити (984 милиони евра).
Студијата открива дека „црвените ѓаволи“ за купување играчи потрошиле 1,545 милијарда евра, од кои од продажбата на некои играчи вратиле само 470 милиони. Манчестер јунајтед во 2016 година го направи рекордниот трансфер во Премиер-лигата, со ангажирањето на Пол Погба за 89,5 милиони фунти (106,2 милиони евра). Но по сѐ изгледа нема да врати ништо од тие пари дадени за играчот од средниот ред, бидејќи договорот на Погба му истекува на крајот од сезоната. Други скапи засилувања на Манчестер јунајтед се на Антони Марсијал (42,7 милиони евра) во 2015 година и на Дони ван де Бек (47,5 милиони евра) во 2020 година, за фудбалери што заминаа на заем во јануарскиот преоден рок.
Шампионот во Премиер-лигата, Манчестер сити, е втор на табелата со негативна нето-потрошувачка од 984 милиони евра. Манчестер сити потрошил 1,699 милијарда евра на играчи во изминатите десет години, но од продажбата на некои инкасирал 715 милиони. Француски Пари сен Жермен е трет, со загуба од 914 милиони евра, а шпанска Барселона е четврта, со минус од 650 милиони евра. Арсенал ја комплетира „првата петорка“ со загуби од 583 милиони евра. Четиринаесет клуба од Премиер-лигата се меѓу првите 20 загубари.