Засега, се чини, најдобар пазар направи Јувентус, со ангажирањето на Влаховиќ. Меѓу позвучните зделки, на заем, се заминувањето на Траоре од Вулверхемптон во Барселона, на Марсијал од Манчестер јунајтед во Севилја и на Кутињо од Барселона во Астон вила

ФУДБАЛ – НА ПОЛНОЌ ЗАВРШУВА ЗИМСКИОТ ПРЕОДЕН РОК

Во јануарскиот фудбалски преоден рок, кој се ближи кон крајот (истекува на полноќ), клубовите не направија некои големи трансфери и како да се чуваат за лето. Сепак, минатите денови беа направени неколку повредни зделки, а не е исклучено во завршните часови да биде склучен уште некој вносен договор. Засега, се чини, најдобар пазар направи Јувентус, со ангажирањето на Србинот Душан Влаховиќ (22), напаѓачот на Фиорентина, за околу 70 милиони евра. Влаховиќ сезонава е најефикасен во Серија А, со 17 гола, колку што има и Чиро Имобиле од Лацио, а во 2021 година само еден играч во петте најдобри европски лиги, напаѓачот на Баерн, Роберт Левандовски (43 гола), постигна повеќе голови од него (33).
Ливерпул е пред официјализирање на трансферот на крилото на Порто, Колумбиецот Луис Дијаз, за првични 45 милиони евра, плус 15 милиони како бонуси. Моментно Дијаз е со репрезентацијата на Колумбија на квалификациските натпревари за пласман на Светското првенство, но се очекува договорот да биде склучен до полноќ. Зимава меѓу побогатите зделки се трансферите на Феран Торес од Манчестер сити во Барселона, за 65,7 милиони евра, на Крис Вуд од Барнли во Њукасл и на Лукас Дињ од Евертон во Астон Вила, за по 30 милиони евра итн. Меѓу другите позвучни зделки, на заем, се заминувањето на Адама Траоре од Вулверхемптон во Барселона, на Антони Марсијал од Манчестер јунајтед во Севилја и на Филипе Кутињо од Барселона во Астон вила. Можно е во последните часови да има уште неколку трансфери, но и тие на заем. Осман Дембеле од Барселона се поврзува со преселба во Премиер-лигата, но тоа ќе зависи дали Каталонците ќе успеат да се договорат со Арсенал за Пјер-Емерик Обамејанг. Манчестер јунајтед уште се двоуми дали да му дозволи на Дени ван де Бек да се пресели во Кристал палас или во Евертон, до крајот на сезоната…