Во соопштението на Јувентус се наведува дека Киеза (24) ќе мора да оди на операција на предните вкрстени лигаменти, но не се кажува колку долго ќе отсуствува

ФУДБАЛ

За Федерико Киеза, напаѓачот на Јувентус и на италијанската репрезентација, сезоната речиси е завршена, откако неговиот клуб објави дека ги повредил лигаментите на левото колено, на мечот со Рома (4-3), на стадионот „Олимпико“ во Рим.
Во соопштението на Јувентус се наведува дека Киеза (24) ќе мора да оди на операција на предните вкрстени лигаменти, но не се кажува колку долго ќе отсуствува. За закрепнување од таквите повреди се потребни неколку месеци, поради што италијанските медиуми веќе се огласија дека сезоната за Киеза е завршена. Тоа значи дека тој ќе го пропушти плејофот-мечот Италија – Македонија на 24 март, во Палермо, за пласман на Светското првенство (СП) годинава.
Повредата на Киеза ќе биде голем удар за селекторот на репрезентацијата на Италија, Роберто Манчини, бидејќи тој беше еден од најзаслужните за триумфот на „азурите“ на Европското првенство (ЕП) 2020, играно минатото лето.