Јирген Клоп стана првиот тренер од Германија победник на ФА-купот и за него тоа беше шести голем трофеј на клупата на Ливерпул од доаѓањето во 2015 година, по триумфите и во Премиер-лигата, Лига-купот, Лигата на шампионите, Суперкупот на УЕФА и на клупското Светско првенство

ФУДБАЛ – ПО ПОБЕДАТА ВО ФИНАЛЕТО НА ФА-КУПОТ

Ливерпул го совлада Челси со 6-5, на пенали, на стадионот „Вембли“, во финалето на англискиот ФА-куп, на 150-годишнината од првото финале на тоа натпреварување, играно во 1872 година, и осми пат во клупската историја, првпат по 16-годишна пауза, го освои трофејот во најстарото клупско фудбалско натпреварување на светот.
За Челси ова беше трет пораз во финале по ред. Ливерпул беше подобар од Челси и во финалето на Лига-купот во февруари, во мечот што, исто така, беше решен на пенали. Со осмиот трофеј, Ливерпул се израмни со Челси, но заостанува зад најуспешните, Арсенал, кој освои 14, и Манчестер јунајтед, со 12 пехари.
За Ливерпул ова беше 50-ти голем трофеј, меѓу кои се 19 титули во домашната лига, осум ФА и девет Лига-купа, шест европски титули, три во УЕФА купот/Лига Европа, четири европски Суперкупа и едно клупско Светско првенство.
Јирген Клоп (54) стана првиот тренер од Германија, освојувач на ФА-купот во првото финале помеѓу двајца германски тренери (Томас Тухел на клупата на Челси). Ова беше шеста голема титула за Клоп на клупата на Ливерпул од доаѓањето во 2015 година, по триумфите во Премиер-лигата, во Лига купот, во Лигата на шампионите, во Суперкупот на УЕФА и на клупското Светско првенство.
– Извонредно, неверојатен, интензивен натпревар против Челси, во кој, како и во финалето на Лига-купот решаваа нијанси. Многу сум горд на моите момчиња, за тоа како играа, како се бореа. На крајот беа пеналите, се нервирав, ноктите ги изгризав, но навистина сочувствувам со Челси. Вторпат играа 120 минути и на крајот не добија ништо, тоа е многу тешко, решаваше еден пенал. Челси одигра извонредно, но на крајот мора да има еден победник, а тоа бевме ние – изјави Клоп.
Клоп е првиот менаџер на Ливерпул што ги освоил четирите главни трофеи, што не им успеало ниту на неговите славни претходници, како што се Бил Шенкли, Боб Пејсли, Кени Далглиш и Рафаел Бенитез.


ГОЛЕМИТЕ ТРОФЕИ НА ЛИВЕРПУЛ

Премиер-лига 19
Лига-куп 9
ФА-куп 8
Лига на шампионите 6
Суперкуп на УЕФА 4
Лига Европа 3
Клупско СП 1
ВКУПНО 50


КЛУБОВИ СО НАЈМНОГУ ТРОФЕИ ВО ФА-КУПОТ

Арсенал 14 (21)
Манчестер ј. 12 (20)
Ливерпул 8 (15)
Челси 8 (16)
Тотенхем 8 (9)
Астон вила 7 (11)
Њукасл 6 (13)
Манчестер с. 6 (11)
Блекбурн 6 (8)

во заградите е бројот на одиграни финалиња