Фото: ФФМ

Македонскиот селектор Благоја Милевски не го криеше задоволството по синоќешната сензационална победа над Италија (1-0) во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство во Катар, истакнувајќи на прес-конференцијата по натпреварот во Палермо дека е горд на своите играчи.

– Победивме во италијански стил против Италијанците, со гол од два обиди. Многу сум среќен поради оваа победа и горд на овие играчи – изјави Милевски, кој ја однесе македонската репрезентација во финалето од мундијалскиот бараж во кое во вторник на гостински терен противник ќе биде Португалија.

Селекторот го нагласи враќањето на Елиф Елмас во составот за финалето на баражот за пласман на СП, откако извонредниот фудбалер за врска го пропушти дуелот во Палермо поради жолти картони.

– (Елиф) Елмас се враќа за финалето и ќе ни биде од голема помош. Многу сум среќен поради Трајковски за голот. Знаевме дека Италија е голем тим со многу шампиони, но игравме како што требаше. Пред натпреварот им реков на играчите да се забавуваат и тие го направија токму тоа –  додаде Милевски.