Фото: Игор Бансколиев

Македонија е во подем, особено по солидниот деби-настап на Европското првенство лани, на кое се надоврза и одличната кампања во квалификациите за претстојното Светско првенство

ФУДБАЛ – ПРЕД ПЛЕЈОФ-МЕЧОТ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2022

Најдобрите македонски фудбалери вчера попладне го одржаа првиот тренинг пред полуфиналниот плејоф-натпревар против Италија задутре во Палермо, за пласман на Светското првенство (СП) во Катар годинава. Победникот од ова полуфинале, на 29 март ќе гостува кај победникот на натпреварот Португалија – Турција, во финалето на плејофот за пласман на СП 2022, од групата Ц. За денеска претпладне е планиран уште еден тренинг, а попладне се патува за Италија.
Мечот во Палермо е важен како за Италија така и за Македонија. На „азурите“ им се даваат поголеми шанси за натамошен прогрес, но и Македонија има свои сметки, ќе игра без притисок. Италијанците, кои пред неполна година триумфираа на Европското првенство (ЕП), се под голем притисок, не смеат да кикснат и да не се пласираат на Светското првенство во Катар.
Македонија е во подем и на неа треба сериозно да се смета, особено по солидниот деби-настап на Европското првенство лани. Згора, на тоа се надоврзаа и одличната кампања во квалификациите за Светското првенство во Катар и победата над Германија на гости, што треба да значи дека мечот в четврток не би требало да биде само формалност.
Информациите од Италија се дека селекторот Роберто Манчини, кој во средниот ред и во нападот има дузина фудбалери, како Жоржињо, Марко Верати, Никола Барела, Мануел Локатели, Лоренцио Инсиње, Чиро Имобиле…, се соочува со персонални проблеми, особено во одбраната. Тој не ќе може да смета на бекот на Наполи, Џовани ди Лоренцо, кој се повреди на мечот со Удинезе во саботата. На негово место Манчини го повика Матија де Шилјо од Јувентус, иако тој не е стандарден првотимец. Под прашалник е и играњето на централните дефанзивци, тандемот од Јувентус, Џорџо Кјелини и Леонардо Бонучи, кои не се целосно закрепнати.