Кога победувате, атмосферата околу вас е среќна, уживате да доаѓате на тренинг, да останете со соиграчите, тренерот. Кога губите, мора да знаете дека атмосферата треба да биде помалку весела. Мислам дека треба да ја заслужите добрата атмосфера околу себе и има само еден начин, да победувате, вели Конте

ФУДБАЛ – АНТОНИО КОНТЕ, МЕНАЏЕР НА ТОТЕНХЕМ

Менаџерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Тотенхем, Антонио Конте, објаснува за „Скај спорт“ зошто верува дека неговиот „подобрен“ тим може да пласира во Лигата на шампионите (ЛШ) и зошто напорната работа се исплати, а објаснува и како тимот напредува на теренот и надвор од него. Во средата Тотенхем го совлада Брајтон на гости со 2-0 (синоќа играше со Вест хем), со што продолжи необичната серија наизменични победи и порази на претходните осум меча. На 10 кола до крајот на сезоната се чини дека е последниот момент за изнаоѓање постојаност за да останат во сериозна трка за пласман во ЛШ.
– Во овој момент имам голема верба. Чувството е добро, оти гледам големо подобрување на тимот. Работевме напорно во минатите пет месеци, но сега почнувам да гледам големо подобрување во многу аспекти, на теренот и надвор од него, во менталитетот. Подготвени сме да направиме уште еден чекор напред и ќе биде многу важно да ја завршиме сезоната на најдобар можен начин за да продолжиме да веруваме во тоа што го работиме – вели Конте.
Италијанецот постојано зборува за обемот на задачата што верува дека ја има во Тотенхем. Многуте часови на тренинзите од неговото доаѓање во ноември лани почнуваат да се исплаќаат и „културата“ што тој се обидува да ја пренесе во клубот можеби почнува да фаќа корени.

– Гледам подобрување во многу аспекти, технички и тактички. По четири и пол месеци играчите многу подобро разбираат што сакам од нив кога ја имаат топката, но и кога се без неа. Имаме повеќе време да работиме на одредени ситуации на теренот, на менталитетот и тоа се случува особено по поразите. На пример, загубивме од Манчестер јунајтед, но мислам дека заслуживме многу повеќе на тој меч. Го загубивме мечот, но кога губиме таков дуел, мора многу да научите и да се обидете да се подобрувате. И од аспект на менталитетот, да разберете дека има мечеви каде што треба да бидете силни – вели Конте.
Дали ги има вистинските личности во тимот за таков пристап?
– Целиот тим може да се подобри во овој аспект. Играчите, во ова опкружување, треба да разберат дека има разлика помеѓу победа и пораз. Кога победувате, атмосферата околу вас е среќна, уживате да доаѓате на тренинг, да останете со соиграчите, тренерот. Кога губите, мора да знаете дека атмосферата треба да биде помалку весела. Мислам дека треба да ја заслужите добрата атмосфера околу себе и има само еден начин, да победувате – вели Конте.
Тој безмилосен, победнички став е она што го одведе Конте до големи успеси како играч и како менаџер. Тој сега поставува високи стандарди и за неговите играчи во Тотенхем.

– Многу добро знаеме дека не е едноставно, не е лесно, да бидеме четврти. Но сакам моите играчи да ја имаат таа амбиција, да ја имаат таа цел. Фудбалот понекогаш е чуден и сѐ може да се случи, но во овој момент мислам дека сме подготвени да се бориме на секој натпревар и оти на секој имаме добри шанси за освојување три бода. Нема да биде лесно, има многу тимови со исти амбиции. Но ако сакаме да се подобруваме, ако сакаме да вршиме притисок сами врз себе, сега е вистинско време за такво нешто – вели Конте.