Мислам дека луѓето не можат да проценат колку сево ова е интензивно. Станува сѐ потешко и полошо. Јас сум загрижен за благосостојбата на играчите и мислам дека никој не го сфаќа тоа доволно сериозно, особено во овој период. Ќе се обидеме да имаме некакво влијание понатаму, но во моментот не чувствувам дека играчите ја добиваат почитта што ја заслужуваат, вели капитенот на Ливерпул

Капитенот на Ливерпул, Џордан Хендерсон, вели дека е „загрижен“ што „никој не ја сфаќа сериозно благосостојбата на играчите“, откако англиската фудбалска Премиер-лига соопшти дека ќе се играат натпревари и за празниците, иако минатата недела имаше 90 новозаразени од ковид-19 меѓу играчите и персоналот, пишува „Би-би-си“. Вклучувајќи го и мечот пред неколку дена со Тотенхем (2-2), „црвените“ ќе одиграат пет натпревари во рок од две недели.
– Мислам дека луѓето не можат да проценат колку сево ова е интензивно. Фудбалот за нас е сѐ и сакаме да играме на највисоко ниво секогаш кога ќе стапнеме на теренот. За жал, во овој период е тешко да се направи тоа. Вака е веќе неколку години, беше тешко, но потоа, згора на сѐ, се случи и пандемијата со ковид-19. Станува сѐ потешко и полошо. Јас сум загрижен за благосостојбата на играчите и мислам дека никој не го сфаќа тоа доволно сериозно, особено во овој период. Ќе се обидеме да имаме некакво влијание понатаму, но во моментот не чувствувам дека играчите ја добиваат почитта што ја заслужуваат – вели Хендерсон.
Помошник-менаџерот на Ливерпул, Пеп Лијндерс, изјави дека распоредот е „апсурден“, а менаџерот на Челси, Томас Тухел, рече дека презема „огромни ризици“ во врска со подготвеноста на неговите играчи.
– Знам дека некои луѓе ќе речат дека добиваме многу пари за да играме фудбал. Го разбирам тоа, но многу е напорно, особено за оние што играат за репрезентациите и во европските купови и веројатно имаат само две или три недели одмор годишно. Не сум сигурен дека тоа е доволно за физичко и психичко закрепнување од претходната сезона. Но нема комуникација со играчите во однос на тоа што мислат, што е навистина голем проблем. Не велам дека треба да се одлучува според тоа што мислат играчите, бидејќи секој ќе има различно мислење, но мислам дека треба да бидат дел од разговорот – рече Хендерсон.