ФУДБАЛ – ПО ЧЕТИРИ КОЛА ВО ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ

По две третини од третата сезона на фудбалската Лига на нациите (ЛН) јасно е дека актуелниот победник Франција нема да ја брани титулата во ЛН, веќе сега во повисок ранг се пласира само една репрезентација, Грција, а Македонија ги задржа шансите за првото место во групата 4 во лигата Ц. Најмногу голови, пет, постигна Ерлинг Холанд од Норвешка, а од репрезентациите најефикасна е Турција со 14 погодока (без примен гол).

Победниците на групите во лигите Б, Ц и Д ќе се пласираат во повисок ранг за следното издание на ЛН, а победниците на групите во лигите А, Б и Ц ќе имаат право да играат и во баражот за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година. Најдобрите четири селекции во групите во лигата А ќе играат и за трофејот за победникот на ЛН. Во лигата А, Франција по четири кола е последна во групата 1 и ќе игра за опстанок, откако има два бода, два помалку од Австрија. Во таа група води Данска со девет бода, а втора е Хрватска со седум. Во групата 2, финалистот на минатото издание на ЛН, Шпанија, води со осум бода, еден повеќе од првиот победник на натпреварувањето, Португалија. Во групата три прва е Унгарија (следуваат Германија, Италија и Англија), а во групата четири води Холандија, која од четирите водечки селекции има најголема предност (три бода пред Белгија).

Доста израмнето е во сите четири групи на лигата Б, а на водечките позиции се Украина, Израел, БиХ и Норвешка. Во лигата Ц репрезентацијата на Грција е првата од сите лиги што обезбеди пласман во повисок ранг и место во баражот за пласман на ЕП 2024. Во другите групи, Турција води со пет бода повеќе од второпласираниот Луксембург, а први се и Казахстан и Грузија, која има три бода повеќе од Македонија.

Летонија има пет бода предност пред Молдавија во групата еден на лигата Д, а во втората е израмнето, Естонија и Малта се со по шест бода, но Естонија има еден меч помалку.