Фото: Принт-скрин

Фудбалската репрезентација на Македонија не успеа да избори историски пласман на Светското првенство во Катар откако загуби од Португалија со 0-2 во финалето на баражот одиграно вечерва во Порто.

Бруно Фернандеш беше стрелец на двата гола за домаќинот. Тој го отвори резултатот во 32-та минута по проигрување од клупскиот соиграч од Манчестер јунајтед, Кристијано Роналдо, при што Португалците го казнија непрецизното додавање на капитенот Стефан Ристовски. Вториот гол беше постигнат по контранапад кога Фернадеш искористи нафрлување на Диого Жота во 65-та минута.

Избраниците на Благоја Милевски бодрени од околу 1.500 македонски навивачи на стадионот „Драгао“ се носеа добро со фаворизираниот противник, обидувајќи се главно преку контранапади во првото полувреме, додека во вториот дел заиграа и поофанзивно, но не успеаја да создадат посериозна шанса.

Македонија ги одигра најуспешните мундијалски кванлификации досега, првпат завршувајќи на втората позиција во групата, зад четирикратниот светски првак Германија. Во рамки на квалификациите за СП, „црвено-жолтите“ остварија две сензационални гостински победи, над Германија од 2-1 во групната фаза, како и над Италија од 1-0 во полуфиналето од баражот.

По учеството на минатото Европско првенство, фудбалската репрезентација за жал не успеа да избори историски пласман на Мундијалот во Катар и покрај тоа што ги заврши квалификациите со само еден пораз, од Германија (0-4) во Скопје.