Веќе се продадени рекорден број билети за Европското првенство (ЕП) за фудбалерки, објави Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница, во пресрет на ЕП 2022, кое почнува в среда и ќе се игра во Англија.
Рекордни 500.000 билети се продадени во 99 земји, а 20 отсто од купените билети доаѓаат надвор од земјата домаќин Англија. Ова ги вклучува другите 15 национални асоцијации-учеснички, како и нарачките за билети, на пример, од Северна Америка, Кина и од Австралија, што ја одразува глобалната привлечност на натпреварот, пишува УЕФА.
Најголема побарувачка досега има од Англија, а следуваат Холандија, Германија, Шведска и Франција. За турнирот има вкупно 700.000 влезници. Англија вторпат е домаќин на ЕП за жени (претходно во 2005 година). Во првото коло играат Англија – Австрија, Норвешка – Северна Ирска (група А), Германија – Данска, Шпанија – Финска (група Б), Холандија – Шведска, Португалија – Швајцарија (група Ц), Франција – Италија, Белгија – Исланд (група Д). По две најдобри селекции од секоја група ќе играат во четврт-финалето.
Оригиналниот трофеј, кој се користи за официјалната церемонија на презентација на финалето и на други официјални настани одобрени од УЕФА, останува во чување и во сопственост на Европската фудбалска унија во секое време. Трофеј со реплика во целосна големина, трофеј за победничките на Европското првенство за жени на УЕФА, се доделува на победничката репрезентација, која добива и 40 златни медали, а второпласираниот добива 40 сребрени медали.
Шампионот на Европа ќе игра со победникот на првенството на Јужна Америка (се игра од 8 до 30 јули во Колумбија), во првата Финалисима на УЕФА и на Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) за фудбалерки, планирана да се игра во Европа (датумот и местото на настанот ќе бидат објавени наскоро).
Титулата на ЕП 2022 ја брани Холандија, Германија е најтрофејна, со осум триумфа, а европски прваци биле и Норвешка (двапати) и Шведска (еднаш).