Билетите за финалето на „Вембли“ се распродадени за еден час. Се очекува да бидат надминати рекордите за посетеност на кој било меч на ЕП (мажи и жени), потоа за финале на ЕП за жени, рекордот на „Вембли“ и актуелниот европски рекорд за број на гледачи на натпревар на фудбалерки. Досега се продадени повеќе од половина билети за турнирот, над 350.000, со што веќе е надмината рекордната бројка од 240.045 посетители на ЕП 2017

ВО ПРЕСРЕТ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА ФУДБАЛЕРКИ

Бројот на гледачи на финалето на Европското првенство (ЕП) во Англија, во фудбал за жени, на 31 јули, на стадионот „Вембли“ во Лондон, кој е со капацитет од 90.000 места, би можел да надмине повеќе рекорди, меѓу кои и тој за кој било натпревар на ЕП за мажи или за жени. Билетите за одлучувачкиот меч на турнирот се распродадоа во рок од само еден час по пуштањето во продажба.
Најголемата посетеност на кој било фудбалски меч на ЕП е 79.115 гледачи, на финалето на континенталното првенство за мажи во 1964 година, Шпанија – Советскиот Сојуз (2-1), на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид. На ланското финале на ЕП, помеѓу Англија и Италија, на „Вембли“ присуствуваа 67.173 гледачи, поради ограничувањата во врска со ковид-19.
Рекордот според посетеност на финале на ЕП за жени е 41.302 во Солна, на ЕП 2013, кога Германија го победи домаќинот Шведска (1-0). На обновениот „Вембли“, пак, рекордна посетеност од 89.874 гледачи е забележа на финалето на ФА-купот во 2008 година, помеѓу Кардиф и Портсмут. За очекување е бројот на гледачи на финалето на ЕП 2022 да го надмине и актуелниот европски рекорд за натпревар на фудбалерки од 80.203 посетители на „Вембли“, поставен на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лондон во 2012 година, на финалето САД – Јапонија (2-1).
Досега се продадени повеќе од половина билети за турнирот, над 350.000, објави Европската фудбалска унија (УЕФА). Тоа значи дека турнирот веќе ја надмина рекордната бројка од 240.045 посетители на ЕП 2017 во Холандија.
– До почетокот на ЕП 2022 има помалку од 100 дена. Ова лето ќе се промени европскиот женски фудбал и едвај чекаме да покажеме дека турнирот ќе собори многу рекорди. Ќе биде поголем и подобар од кога било досега – изјави шефот на УЕФА за фудбал за жени, Надин Кеслер, шампионката од ЕП 2013 со Германија.
На ЕП 2022 ќе настапат 16 репрезентации. Во четврт-финалето ќе се пласираат двете најдобри селекции од четирите групи. Четвртфиналните натпревари треба да се играат на 20, 21 и на 22 јули, полуфиналињата се на 26 и на 27 јули, а финалето е на 31 јули. Натпреварите ќе се играат во Лондон, Брајтон, Манчестер, Милтон Кејнс, Ротерам, Шефилд, Саутемптон и во Ли.