ИСТОРИСКИ ДОГОВОР ВО САД

Фудбалската федерација на САД (УССФ), машката и женската репрезентација потпишале колективни договори за еднакви плати, со што ѝ се става крај на долгогодишна битка на фудбалерките со Федерацијата за нееднаквиот третман. Според двата договора, кои важат до 2028 година, фудбалерите и фудбалерките ќе бидат плаќани идентично, објавија Федерацијата и двата синдиката на играчи.
Паричните награди за постигнувањата на светските првенства (СП) ќе се изедначат, со што се отстранува големата бариера за нееднаквост и која уште постои и на многу други места низ светот. Се гарантира дека женскиот, како и машкиот тим, ќе игра на еднакво квалитетни терени, ќе престојува во хотели со ист стандард и ќе добие ист број чартер-летови за патувања на натпреварите. Како дел од договорот, машкиот тим ќе добива бенефиции за чувањето деца, кои женскиот ги има повеќе од 25 години. Фудбалерките поднесоа тужба за дискриминација во 2019 година, по што беше постигнат договор, кој вклучуваше исплата од 24 милиони долари годинава и гаранции за еднакви плати.
– Овие договори засекогаш ќе ја променат фудбалската игра во САД, но имаат потенцијал да ја променат оваа игра и во светот – изјави претседателката на УССФ, Синди Парлоу Кон.
Сега играчите, мажи и жени, ќе добиваат по 8.000 за настап на пријателски и по 10.000 долари за официјални натпревари, бонуси за победи и за нерешени резултати, до 14.000 долари по победа, во зависност од важноста или од силата на противникот. Ќе се делат и парите од наградите на СП. Наградите за репрезентациите учеснички на СП 2018 изнесуваа 400 милиони долари, од кои шампионот Франција доби 38 милиони долари. Вкупниот награден фонд на СП за жени во 2019 година беше 30 милиони долари, од кои победничките, фудбалерките на САД, добија четири милиони долари.