Тие знаат дека би можеле да заработат повеќе на друго место, но Барселона уште е посебна, играчите се подготвени и да загубат пари за да играат тука, вели Жорди Кројф, кој вели дека многу научил од Алекс Фергусон, човек „пред своето време“, „немилосрден“, но „хуман“, а неговиот татко Јохан Кројф беше највлијателната фудбалска фигура што тој ја сретнал

ФУДБАЛ

По успехот со доведувањето на Пјер-Емерик Обамејанг и на три други засилувања во јануари, спортскиот советник на фудбалскиот клуб Барселона, Жорди Кројф, во интервју за британскиот весник „Гардијан“ објаснува како тргна клубот во вистинска насока.
– Има олеснување. Кога новите играчи ќе се вклопат и играат добро, добивате чувство на добро завршена работа – вели тој.
Имаше уште неколку минути до полноќ, на последниот ден од преодниот рок, кога документите конечно пристигнаа, што значеше дека Барселона може да го регистрира Обамејанг. Шест недели подоцна, тој постигна два гола и му асистираше на Феран Торес, уште едно зимско засилување, во победата над Реал Мадрид, со 4-0, во „Ел класико“, на стадионот „Сантијаго Бернабеу“. Тоа беше деветти гол на Обамејанг откако ѝ се приклучи на Барса, која е во серија од 12 натпревари без пораз. Добро завршена работа за Барса, но и за Жорди Кројф, кој на 1 септември лани стана спортски советник, а подоцна беше назначен за директор за меѓународен фудбал, сега фактички технички секретар, кој со Чави и со директорот за фудбал Матеу Алемани работи на трансферите.
Подготовките за оваа работа Кројф ги почна поодамна, прво како играч, потоа тренер и спортски директор. Тој зборува дека многу научил од Алекс Фергусон, човек „пред своето време“, „немилосрден“, но „хуман“, иако тогаш не секогаш сфаќал дека тоа се лекции. Неговиот татко Јохан Кројф, кој почина пред шест години, беше највлијателната фудбалска фигура што тој ја сретнал. Наследството е оставено преку „фондацијата на Кројф“, која прослави четвртина век, и речиси во сѐ друго. Јохан Кројф ја изгради модерната Барселона, сега Жорди Кројф помага во нејзината обнова. Задачата е огромна. Лионел Меси замина, клубот не можеше да им плати ниту нему ниту на другите, долгот беше 1,35 милијарда евра во август лани, со дополнителни заеми земени оттогаш, пишува „Гардијан“. Играчите мораа да се согласат со намалување на платите, а кога лигата неодамна ги објави ограничувањата на платите, Барселона беше единствениот клуб со негативни бројки. Накратко, нема пари. Но како можеа да го ангажираат Феран Торес за 55 милиони евра, Дани Алвес, Адама Траоре и Обамејанг?

– Зборот е амортизација. Трошоците ги делите со икс-години и почнувате оттаму – вели Кројф.
Како функционира сето тоа е сложено. Станува збор за долгорочни, среднорочни, краткорочни и ултракраткорочни планови што се одвиваат паралелно, се бара рамнотежа помеѓу градењето на тимот и намалувањето на долгот. Потребна е фантазија, за да се искористат можностите.
– Финансискиот ферплеј во Шпанија и економските проблеми значат дека многу работи што вообичаено би биле можни сега не се. Тие правила значат дека Барселона може да инвестира само едно од секои четири евра што може да ги заштеди. Правилата во Шпанија се многу построги отколку во остатокот од Европа. Во Англија се пофлексибилни, а во Шпанија ве блокираат. Треба да бидете креативни. Механизмот е сложен и нов за мене, но Матеу добро го разбира. Многу е важно да имате добар тим, директна комуникација, искрена и јасна. Понекогаш смислувате фудбалско решение и, оп, тоа не може да се реализира. Можеби има позиции што сакате да ги засилите, но што ви треба за овие четири месеци? Она што ви треба е само дел од тоа, но што реално можеш да добиеш? Надежите не се исполнуваат секогаш, целите паѓаат, плановите се напуштаат, други ги заменуваат. Знаејќи ја економската ситуација, ограничувањата на ФФП, играчите треба да сакаат да дојдат. Тие знаат дека би можеле да заработат повеќе на друго место, но Барселона уште е посебна, играчите се подготвени и да загубат пари за да играат тука – вели Кројф.
Има колективна воздишка на олеснување кога сѐ ќе заврши добро со трансферите.

– Феран е краткорочна, среднорочна и долгорочна можност. Да не беше повреден, ќе беше многу тешко да го ангажираме. Ќе играше, ќе постигнуваше голови, па Манчестер сити немаше да го продава. Зимскиот преоден рок е тежок, бидејќи клубовите нема да ви позајмат стартер во тимот. Значи, имате играчи што не играат толку многу, но Премиер-лигата е физички поинтензивна, па играчот што играл таму неколку години стекнал одредени навики. Во три натпревари во Шпанија, Траоре беше вклучен во исто толку голови како на претходните 25 во Англија. Во меѓувреме, Филипе Кутињо постигна исто толку првенствени голови на 10 натпревари за Астон вила како во изминатите две сезони во Барселона – вели Кројф.
Тоа го радува не само поради стратегиските цели на Барселона, на која ѝ треба пазар за Кутињо. Имаше некои сугестии дека Кројф може привремено да го преземе тимот по отпуштањето на Роналд Куман. Наместо тоа, Серхи Бархуан беше привремен тренер додека не дојде Чави. Работите драстично се подобрија под негово водство, со кого Кројф тесно соработува.

– Бев играч, тренер, спортски директор, но да се биде фудбалер е најубавото нешто. Не знам каква улога ќе имам за 10 години, но она што го знам е дека кога сум тука, тука сум. Да седнам на туѓо столче? Не. Тоа е правило број еден. И правило број два, три, четири и пет. Она што помага е тоа што можете да визуализирате цел, како тренерот. Можеби си мислите: „Тој е добар играч, но не она што ни треба сега“. Помага да разговараме за работи со тренерите на нивниот јазик. Тоа ви помага подобро да ги разберете играчот, тренерот и неговите потреби – вели Кројф.
Зимскиот преоден рок треба да се оцени како успешен. Барселона уште е непоразена. Кројф сугерира дека не станува збор само за новите играчи туку и за Серхио Бускетс, Жерар Пике и Жорди Алба, кои луѓето „лесно“ ги обвинуваа за неуспесите.
– Тренерот заслужува признание, засилувањата го кренаа нивото на игра, донесоа нова енергија, но и сите се подобри. Мора да има рамнотежа – вели Кројф.