Тој дрес е продаден за рекордни 7,1 милиони фунти (8,4 милиони евра) на онлајн аукцијата во „Сотеби“. Претходно највисока цена за дрес носен на спортски натпревар достигна тој на бејзбол-легендата на Њујорк јенкис, Бејб Рут, односно 5,6 милиони долари во 2019 година
Дресот што го носеше Диего Марадона кога го постигна т.н. гол „божја рака“, а потоа и „голот на векот“ за репрезентацијата на Аргентина на натпреварот со селекцијата на Англија (2-1) на фудбалското Светско првенство (СП) во 1986 година во Мексико, продаден е за рекордни 7,1 милиони фунти (8,4 милиони евра) на онлајн аукцијата во „Сотеби“, што е највисоката цена некогаш платена за парче спортски сувенир.
Поранешниот англиски репрезентативец и фудбалер за врска на Нотингем форест, Астон вила, Лидс и на Тотенхем, Стив Хоџ (59), го стави дресот на аукција, 36 години откако го замени со Марадона по четвртфиналниот натпревар одигран во Мексико.
Првичната процена на „Сотеби“ беше дека дресот ќе достигне цена помеѓу четири и шест милиони фунти.
– Ова е, веројатно, најпосакуваниот фудбалски дрес што некогаш бил на аукција и оттаму рекордната сума за предмет од ваков вид – рече Брам Вахтер, шеф за модерни колекционерски производи на „Сотеби“.
Претходната највисока сума платена за дрес носен на спортски натпревар беше на бејзбол-легендата на Њујорк јенкис, Бејб Рут, кој беше продаден за 5,6 милиони долари во 2019 година. Истата година, оригиналниот олимписки манифест, напишан во 1892 година, беше продаден за 8,8 милиони долари, со што тогаш стана најскапото парче спортски сувенир.