Предлогот да им се обезбеди место на две екипи во новата проширена Лига на шампионите со 36 тима, од 2024 година, врз основа на нивните „минати, историски постигнувања“, наиде на големо противење кај домашните лиги и кај навивачките групи во Европа, кои тврдат дека пласманот во ЛШ треба да се заснова исклучиво врз постигнувањето во домашната лига

ФУДБАЛ – ДЕНЕСКА СОСТАНОК НА ИЗВРШНИОТ КОМИТЕТ НА УЕФА

Пред завршните дискусии за идниот формат на Лигата на шампионите (ЛШ) што треба да се одржат денеска, навивачите повторно ги потсетија големите европски клубови нив да ги стават во прв план, пишува британскиот весник „Индепендент“. Предлогот да им се обезбеди место на две екипи во новата лига со 36 тима, од 2024 година, врз основа на нивните „минати, историски постигнувања“, наиде на големо противење кај домашните лиги и кај навивачките групи во Европа.
Тие тврдат дека пласманот во ЛШ треба да се заснова исклучиво врз постигнувањето во домашната лига, а не врз коефициентното рангирање или „минати заслуги“ и дека тие две места треба да им се доделат на земјите чии победници во лигата автоматски не се квалификуваат.
Новата ЛШ со 36 екипи би требало да ја замени сегашната групна фаза, каде што 32 екипи се поделени во осум групи. Според најавите, од сезоната 2024/2025, екипите во првата фаза, наместо како сега по шест, ќе треба да одиграат 10 натпревари во таканаречениот „швајцарски систем“. Две од тие 36 екипи би се квалификувале според коефициент за постигнатите резултати во изминатите пет сезони.
Европската клупска асоцијација (ЕКА) го поддржува предлогот за придодавање два тима врз основа на коефициентот. Еден од нејзините потпретседатели, Аки Рихилахти, во март рече дека смета оти тоа е „фер“ и дека ќе му „додаде вредност“ на натпреварувањето. На директорот на Баерн, Оливер Кан, кој, исто така, е во извршниот одбор на ЕКА, навивачите на неговиот клуб му порачаа дека треба да се отфрлат двете места „според заслуги“. Тие на првенствениот натпревар Баерн – Штутгарт минатиот викенд истакнаа транспаренти со предупредување „вајлд-картите го поткопуваат интегритетот на натпреварувањето“ и го нападнаа предлогот за зголемување на натпреварите од групната фаза од шест на 10. На друг транспарент пишуваше: „Фудбал за милиони навивачи, а не за милијарди евра“.
Извршниот комитет (ИК) на Европската фудбалска унија (УЕФА) треба да се состане денеска во Виена и да го потврди форматот на клупските натпреварувања на континентот од 2024 година.
Но постојат најави дека се разгледуваат нови различни опции во врска со квалификувањето на тимовите во ЛШ, што може да значи дека УЕФА нема да го прецизира конечниот формат.

Доколку денеска не се постигне договор, една од опциите би можела да биде свикување нов состанок на ИК, кој би се совпаднал со финалето на ЛШ во Париз на 28 мај. Како и да е, одлуката треба да се донесе што побрзо, бидејќи маркетинг-компаниите веќе се во преговори за продажба на правата за преноси. Тие права што заеднички ги продаваат ЕКА и УЕФА, во циклусот 2024-2027, би донеле поголеми приходи за речиси 40 отсто, во споредба со периодот 2021-2024 година. Проектираниот приход би изнесувал пет милијарди долари по сезона, што е доста повеќе од 3,6 милијарди долари по сезона во тековниот циклус.
Домашните европски лиги остануваат уверени дека УЕФА ќе донесе „мудра одлука“ и ќе го отфрли предлогот за коефициенти, ќе го смени календарот и ќе го ограничи зголемувањето на натпреварите од групната фаза на осум. Клаус Томсен, претседателот на управниот одбор на „чадор-групата“ на Европските лиги, која ја вклучува и Премиер-лигата, минатиот месец рече дека смета оти може да се најде „заедничка основа“ со УЕФА. Пред одлуката на ИК на УЕФА, лигите тврдат дека се создава ризик тимови да „прескокнуваат“ подобропласирани од нив на домашната табела и да играат во ЛШ. Во април, УЕФА ја одобри петицијата наречена „Победи на теренот“, формирана од здружението „Европски навивачи“.


ФУДБАЛ
Кабело ќе има петминутно музичко шоу пред финалето на ЛШ

Младата американска пејачка по потекло од Куба, 25-годишната Камила Кабело ќе пее на церемонијата на отворањето на финалето во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) помеѓу Ливерпул и Реал Мадрид, на стадионот „Стад де Франс“ во Париз, на 28 мај. Пејачката, која моментно е една од најтиражните и најгледани во светот, во петминутно шоу ќе испее неколку стари хитови и неколку нови песни од неодамна објавениот трет студиски албум. Покрај Кабело, во карневалското отворање на финалето ќе има многу костими, танчари и музичари, со „високоенергетска“ кореографија, за да ја забавува публиката на стадионот, но и оние пред ТВ-екраните. „Шоуто“ пред мечот ќе се емитува во над 200 земји низ светот.