Фото: Маја Јаневска-Илиева

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ, ПО ПРВИТЕ ТРИ КОЛА

По половина одиграни мечеви од групната фаза на третата сезона на фудбалската Лига на нациите, репрезентациите на Данска, Португалија, Италија и на Холандија се водечки во четирите групи на лигата А и се на местата што носат пласман на фајналфор-турнирот в година за третата титула во натпреварувањето.
По три кола, ниту една репрезентација во лигата А нема максимални девет бода. Актуелен шампион на Лигата на нациите е селекцијата на Франција, која сега, по три кола, е последна во групата 1, со два бода, зад Данска со шест, Хрватска и Австрија со по четири бода.

Победник на првата сезона, пак, беше Португалија, која во групата 2 води со седум бода, а потоа се Шпанија со пет, Чешка со четири и Швајцарија без бодови. Во групата 3, европскиот првак Италија е прв со пет бода, четири има Унгарија, три освои Германија, а Англија има два бода. Холандија во групата 4 е прва со седум бода, по три повеќе од Белгија и од Полска, а четврти е Велс со еден бод.

Победниците на групите во лигите А, Б и Ц ќе имаат право да играат и во плејофот за пласман на Европското првенство во 2024 година во Германија. Во лигите Б, Ц и Д, по три кола без загубен бод се Турција, Грција, Грузија, (лига Б, групи 1, 2 и 4), како и Летонија (лига Д, група 1), а по одиграни два меча со по две победи се Украина (лига Б, група 1) и Естонија (лига Д, група 2).