Торбаков во акција

Торбаков беше мајстор за кого немаше тајни во фудбалот. Настапуваше во скопските клубови МИК (сега Скопје), Работнички и Југококта (сега Македонија Ѓорче Петров). Данчо беше посакуван од сите тренери, но најдолго остана под командата на легендарниот Јово Никушев

Има фудбалери и фудбалери. Разликата меѓу нив може да биде огромна, што се однесува до окото на гледачите. Но окото на тренерите не мора секогаш да е исто како тоа на гледачите, зашто тие поинаку ја гледаат играта во која ги испреплетуваат тактиките во зависност од противниците. Така, се случувало за окото на обичниот гледач некој од фудбалерите да биде невидлив, но за тренерот токму тој да е вистинскиот, кој завршил голем дел од работата за да се стигне до посакуваниот резултат. Затоа, за овој тип фудбалери често се вели овој игра како „кртица“, многу не се експонира, но секој потег му е одмерен и смислен и секогаш максимално ги извршува поставените задачи од тренерот. Но, за разлика од оние строги извршители на работата, има и такви што покрај дисциплинираното држење до реализацијата на тактичките варијанти, се подготвени со својата креативност да внесат и многу работи што го креваат фудбалот на едно повисоко ниво. Токму еден од тие што беа по вкусот на сите (тренери и гледачи) беше Данчо Торбаков. Тој уште во почетокот најавуваше дека ќе стане фудбалска легенда на скопска Автокоманда. Но не остана само со епитетот од оваа населба, туку неговата фудбалска сторија се прошируваше, па стана еден од легендите на Работнички, за неговиот фудбалски блесок да биде многу силен и во Ѓорче Петров, па и таму стана еден од легендарните фудбалери на поранешна Југококта, сега Македонија Ѓорче Петров.

ПРВИТЕ ЧЕКОРИ СО ТРЕНЕРОТ ЧАПАЕВ

Почетоците на Данчо Торбаков беа во некогашниот Индустријалец, клуб што беше најблиску до Ергела, населба во која живееше неговото семејство.
– Уште како дете, со моите другарчиња често игравме фудбал, но сакав нешто повеќе, сакав активно да се занимавам со овој спорт, па затоа го одбрав Индустријалец, кој егзистираше на подрачјето на Автокоманда. Таму пристигнав некаде во 1961 година, кога имав 16 години, а веќе следната година од еден од најстарите македонски тренери, Ацо Чапаев, веќе бев вклучен во првиот тим. Тогаш настапувавме во Скопскиот потсојуз, кој беше многу квалитетен и атрактивен, а имаше натпревари на кои доаѓаа повеќе од 2.000 гледачи. Тоа, особено мене, како младо момче, многу ме мотивираше и одвај чекав да дојдат неделите за да истрчам на теренот и да ги покажам моите знаења. Во таа генерација имаше добри фудбалери, а во оваа пригода особено би ги издвоил поискусните Васко Десовски и Тодор Велковски, за потоа од Ергела да се приклучат и браќата Натеви и Сетинови. Од секоја братска двојка потоа изникна по еден врвен фудбалер. Тоа е можеби чудно, но навистина беше така – ја почнува својата приказна Торбаков.
Апетитите на фудбалските работници од Автокоманда (која тогаш потпаѓаше под општинската Управа на Саат-кула, потоа Кале, сега Гази Баба) пораснаа и беа поставени нови повисоки цели, да не се остане само на нивото на Скопскиот потсојуз. За среќа, таму имаше луѓе што го сакаа фудбалот и кои чувствуваа дека тој може уште повеќе да ги сплоти жителите. Особено беа ангажирани Ѓоко Доневски и Алексо Кипровски, кои не жалеа време и труд, со единствена желба – фудбалот во Автокоманда да се издигне на повисоко рамниште.
– Веројатно за таа цел дојде и до фузија помеѓу Индустријалец и Металец, која резултира со влегување на екипата со новото име МИК во Македонската лига во 1966 година. Заслуги за овој успех, покрај фудбалерите, имаше и тренерот Јово Никушев, кој наследи еден солиден состав, во претходните години трениран од Тодор Балевски-Велфл, Ванчо Бачовски и од Урош Петровски, легендарниот вардаров центархалф, со кого подоцна, откако Никушев замина во Слога, се врати во МИК и со него првпат влеговме во Втората лига, исток – продолжува Торбаков.

„ЛУДА НОЌ“ ВО АВТОКОМАНДА

Данчо Торбаков, без кого не можеше да се замисли екипата на МИК, убаво се сеќава и на моментите кога на крајот од 60-тите години од минатиот век, тимот од Автокоманда стана второлигаш.
– Не само јас туку сите мои соиграчи не можат да ги заборават миговите на големото славје, кое по успешните квалификации и победите над Влазними од Ѓаковица се претвори во „луда ноќ“ во Автокоманда. Откако стигна веста за нашата победа и во реваншот, немаше човек што не излезе на улица, баби, дедовци, внуци, сите беа на собир да ја споделат радоста. Ова што споменувам баби и дедовци не треба да ве зачуди, зашто и за време на натпреварите тие најчесто со внуците беа на трибините на стадионот во Автокоманда. Иако на реваншот отпатувавме со предност од три гола, сепак, со оглед на тоа што се работеше за квалификации, нервозата беше присутна кај сите нас. Знаевме дека треба да бидеме максимално концентрирани и да не му дозволиме на противникот да нѐ изненади. На првата средба бев стрелец на сите голови, од кои најубав беше третиот, кога ја поминав целата противничка одбрана и ја затресов мрежата. Овој дуел почна многу нервозно и со промашувања, па, така, познатиот судија Чанак на полувремето му рече на Кипровски: „Што е ова, се изнапромашувавте“. Средбата ја следеше и Кирил Симоновски-Џина, кој тогаш се врати да му помогне на Вардар, па и тој на полувремето го советуваше Урош како да продолжиме. Знам дека кај нашиот тренер иако имаше дилеми да изврши некои промени, Џина го советуваше ништо да не менува. Така сите нѐ остави во игра, што се покажа како добро, зашто во вториот дел со мајсториите на Зигоманов и на Љубиша Николиќ играта се отвори и почна опсадата на противничкиот гол. Се сеќавам, во моментите на нашата голема надмоќ, изведов три слободни удари, од кои два завршија во целта, а потоа бев стрелец и на третиот гол. На крајот, по убедливиот триумф, се насмеаја лицата на нашите навивачи и завладеа голема радост во цела Автокоманда. Голем дел од работата беше завршен, но не скокавме многу, зашто нѐ очекуваше и реваншот на гости. Со предност од три гола, само чудо можеше да се случи да не успееме, но требаше да бидеме внимателни и да не се опуштаме. Во Ѓаковица, и покрај големиот притисок што доаѓаше од преполната трибина, не се уплашивме и одигравме машки. Прво, Боро Узунов ме проигра со глава, а јас прецизно стрелав во целта. Потоа, на пет минути до крајот, и Палиќ по еден соло-пробив постигна гол со кој ја потврди победата – продолжува Торбаков.
Во втората половина на 1960-тите години и почетокот на следната декада, Македонија имаше неколку клуба во Втората лига. Од сите нив, најдолг стаж имаше прилепска Победа, која во неколку сезони беше на самиот врв на табелата, а една година за малку не влезе во елитата, бидејќи заврши како втора.

УСПЕШНО ДЕБИ МЕЃУ ВТОРОЛИГАШИТЕ

По овој успех, погледите беа свртени кон иднината, во која тимот од Автокоманда ќе мораше да се докажува и да покаже дека не случајно се најде меѓу второлигашите. Настапот во повисокиот ранг беше предизвик за сите, од фудбалерите, преку тренерите, па до раководните структури на клубот, на чие чело како претседател дојде директорот на тогаш моќната фирма „Импрес“ Ванчо Билбиловски. Покрај него, тука беа Ѓоко Доневски и Алексо Кипровски, основоположниците не само на фудбалскиот клуб туку и на младинското спортско друштво „Скопје“, во кое егзистираа неколку клуба во повеќе спорта. Тие беа алфа и омега во друштвото, нивното ангажирање не беше само да ја организираат работата туку и да обезбедат средства за да може клубовите нормално да функционираат. Нивна идеја беше на чело на фудбалскиот клуб да дојде токму Билбиловски, зашто знаеја оти тој како прв човек на силна фирма можеше да го реши и најгорливото прашање – финансирањето.
– Во првата сезона во Втората југословенска лига, МИК избори опстанок, што беше и главна цел, со оглед на тоа што бевме дебитанти. Втората сезона бевме многу поуспешни и завршивме на шестата позиција, што за многумина беше големо изненадување. Но верувавме во себе и во сопствените сили и одигравме навистина квалитетно. Од настапите на второлигашките терени се сеќавам на повеќе средби, но особено би ја издвоил онаа со Дубочица од Лесковац, кога на Градски постигнавме седум гола. Тоа беше речиси неверојатен резултат, зашто, сепак, Дубочица беше клуб со традиција. Добро ни одеше и со нишки Железничар, а најнезгодни противници со кои тешко излегувавме накрај ни беа Напредак од Крушевац и Шумадија од Аранѓеловац. Второлигашката сага траеше три години, за потоа тимот да се осипува и фудбалерите, меѓу кои бев и јас, да бараат нова средина – вели Торбаков.
Торбаков го одбра Работнички, најмногу поради Јово Никушев, кој му беше еден од првите тренери, па, така, од Автокоманда се пресели во Градскиот парк, од каде што продолжи во Ѓорче Петров. Поради овие преселби неговите другари во шега му велат – ти го „пропатува“ Скопје од исток, преку центар, до запад. Но за тој дел од кариерата и за настапите за аматерската репрезентација на Македонија ќе читате идната недела. Ќе прочитате нешто и за леринското село Сетина, во кое е роден, а ќе видите дека од тоа село потекнуваат уште две семејства со познати фудбалери, Мојсови и Натеви. Интересно е дека од тука беше и основоположникот на хокејот во Македонија, Трајко Трпчевски, а од Сетина беше и познатиот ракометар на своевремено популарниот РК Југ од Мичурин, Стево Божаров.


Данчо Торбаков

Роден: 1945 година во селото Сетина (Леринско)
Кариера: Индустријалец (потоа МИК, па Скопје), Работнички, Југококта (сегашна Македонија Ѓорче Петров), аматерска репрезентација на Македонија
Успеси: влегување во Втората југословенска лига со МИК (Скопје), влегување во Македонската лига со Југококта (Македонија Ѓ. Петров)