Милан Ристовски го слави голот во Разград/Фото: ФФМ

Бугарската фудбалска јавност попусто се убедуваше дека нема потреба за страв од Македонија во пресрет на денешниот меч од Лигата на нации одигран во Разград (1-1), „замижувајќи“ пред квалитетот на сегашната генерација на „црвено-жолтите“ која на гости ги совлада Германија и Италија, а играше и на последното Европско првенство. Во ваквите неосновани и потценувачки тврдења предничеа бугарскиот репрезентативец Филип Крастев и претседателот на Славија Софија Венцислав Стефанов, прашувајќи се „која е таа Македонија?!“.

За разлика од домаќинот, македонскиот селектор Благоја Милевски не им даде значење на провокациите, нагласувајќи дека размислува само за спортскиот аспект од мечот. А капитенот Стефан Ристовски, кој не беше во составот поради повреда, на шеговит начин му одговори на Стефанов, преку Инстраграм.

– Ние сме спортски работници, размислуваме само за фудбалот и сѐ останато во овој момент не нѐ интересира зaшто може да нѐ дефокусира. Без разлика на тоа што доаѓа од трибините, ние секогаш гордо ја претставуваме Македонија – порача Милевски на прес-конференцијата пред натпреварот.

Благоја Милевски/Фото: ФФМ

Македонските фудбалери одговорија на теренот, доминирајќи и создавајќи бројни шанси во нападот додека домаќинот во поголемиот дел од мечот се бранеше. Кирил Десподов, сепак, успеа да искористи невнимание на македонската одбрана и да му донесе водство на домаќинот во 13-та минута, од единствената посериозна прилика што ја имаа бугарските репрезентативци.

Потоа се редеа шанси пред бугарскиот гол, а најдобрите во првото полувреме ги пропуштија Енис Барди и Елиф Елмас. Македонија дополнително го притисна ривалот во второто полувреме со влегувањето во игра на Давид Бабунски и на Бојан Миовски кои ги заменија Дарко Чурлинов и Александар Трајковски. Набргу Милан Ристовски донесе изедначување, совладувајќи го противничкиот голман Николај Михајлов во 50-та минута откако топката дојде до него по мешаница во шеснаесетникот на домаќинот.

Фото: ФФМ

Францускиот судија Жереми Пинар досуди пенал за Бугарија откако топката го погоди Висар Муслиу во македонскиот шеснаесетник по шут на Мартин Минчев, но ја смени одлуката со користење на ВАР-технологијата, откако увиде дека топката не го погодила македонскиот дефанзивец во раката.

Бугарија се извлече во Разград, издржувајќи ги налетите на Македонија за да стигне до реми 1-1, но извесно е дека Македонија останува водечки фаворит за првото место во групата 4 од Лигата Ц, во која се и Грузија и Гибралтар.

Енис Барди во дуел со бугарските фудбалери/Фото: ФФМ

Денешната средба се одигра во Разград, наместо во Софија, каде што Бугарија вообичаено е домаќин, поради стравувањето на Бугарската фудбалска федерација од политички провокации кон Македонија. Натпреварот беше организиран под строги мерки што се однесуваа на внесувањето на националните обележја на двете селекции. Стадионот во Разград има капацитет од 10.000 места, за разлика од стадионот „Васил Левски“ во Софија, кој прима 40 илјади гледачи.

Но трибините во Разград не беа исполнети, а 500-те македонски навивачи беа погласни од домашните, давајќи им силна поддршка на избраниците на Благоја Милевски. Натпреварот помина во мирна атмосфера, а за одбележување е гестот на домашната публика која со аплауз го поздрави интонирањето на македонската химна.

Македонија имаше поддршка од 500 навивачи/Фото: ФФМ

За Македонија, по мечот со Бугарија, следува гостување кај Гибралтар (недела), а потоа се мечевите дома со Грузија (9 јуни) и со Гибралтар (12 јуни).

Лигата на нациите е дел од квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2024. Во јуни се предвидени четири кола и уште две во септември, а победниците на 12-те групи во лигите А, Б и Ц стекнуваат право да играат во плејофот за пласман на ЕП 2024, за три места од Лигата на нациите на континенталното првенство.

Фото: ФФМ