Бензема беше прогласен за играч на сезоната во ЛШ и беше прв стрелец на натпреварувањето. Куртоа беше играч на мечот во финалето на ЛШ. Де Брујне трета сезона по ред влегува меѓу првите тројца во изборот на УЕФА и беше прогласен за играч на сезоната во Премиер-лигата. Победникот ќе биде прогласен на церемонијата на извлекување на групната фаза од ЛШ в четврток во Истанбул

ИЗБОР НА НАЈДОБАР ФУДБАЛЕР НА СЕЗОНАТА 2021/2022

Карим Бензема (Реал Мадрид и Франција), Тибо Куртоа (Реал Мадрид и Белгија) и Кевин де Брујне (Манчестер сити и Белгија) се тројцата номинирани за наградата најдобар фудбалер во изборот на Европската фудбалска унија (УЕФА) за сезоната 2021/2022. Победникот ќе биде прогласен на церемонијата на извлекување на групната фаза од Лигата на шампионите (ЛШ), в четврток, во Истанбул. Ниту еден од нив досега не ја освоил оваа награда на УЕФА.
Францускиот напаѓач Бензема беше прогласен за играч на сезоната во Лигата на шампионите, откако го предводеше Реал Мадрид до рекордната 14-та европска титула, а негова петта. Со 15 гола го освои првото место на листата на стрелците на ЛШ. Голманот Куртоа, кој ја освои шпанската лига со Реал Мадрид, беше играч на мечот во финалето на ЛШ, откако направи неколку неверојатни одбрани на дуелот со Ливерпул во Париз. Плејмејкерот Де Брујне трета сезона по ред влегува меѓу првите тројца во изборот на УЕФА. Тој беше прогласен за играч на сезоната во Премиер-лигата откако го инспирира Манчестер сити за уште една домашна титула, негова четврта во текот на седумте сезони во клубот.
Во конкуренција за наградата беа и Роберт Левандовски (Баерн/Барселона и Полска, 54 поени), Лука Модриќ (Реал Мадрид и Хрватска, 52), Садио Мане (Ливерпул/Баерн и Сенегал, 51 бод), Мохамед Салах (Ливерпул и Египет, 46), Килијан Мбапе (ПСЖ и Франција, 25), Винисиус Жуниор (Реал Мадрид и Бразил, 21), Вирџил ван Дајк (Ливерпул и Холандија, 19), Бернардо Силва (Манчестер сити и Португалија, седум), Филип Костиќ (Ајнтрахт и Србија, седум), Лоренцо Пелегрини (Рома и Италија, пет), Трент Александер-Арнолд (Ливерпул и Англија, два) и Фабињо (Ливерпул и Бразил, еден), објави УЕФА на својата интернет-страница..
Од нив, добитници на оваа награда на УЕФА досега беа Левандовски (сезона 2019/2020), Ван Дајк (2018/2019) и Модриќ (2017/2018). УЕФА доделува награди од сезоната 2010/2011. Минатогодишни победници се Жоргињо (Челси и Италија) и Томас Тухел (Челси и Германија).


Анчелоти, Гвардиола и Клоп во трка за тренерското признание

Номинирани за наградата најдобар тренер во изборот на Европската фудбалска унија (УЕФА) за сезоната 2021/2022 се Карло Анчелоти (Реал Мадрид), Пеп Гвардиола (Манчестер сити) и Јирген Клоп (Ливерпул). Италијанецот Анчелоти се врати во клубот минатото лето и ја освои шпанската лига пред да стане првиот тренер што четири пати ја освоил европската титула како тренер, откако го предводеше Реал Мадрид до трофејот. Гвардиола освои четири титули во Премиер-лигата во неговите претходни пет сезони на кормилото на Манчестер сити. Клоп со Ливерпул ги освои ФА-купот и Лига-купот во Англија и вицешампионските титули во Премиер-лигата и во ЛШ. Другите номинирани беа Оливер Гласнер (Ајнтрахт, 75 поени), Унаи Емери (Вилјареал, 74) и Жозе Мурињо (Рома, 51).