Во времето на назначувањето на Саки за тренер на Милан во 1987 година, Италија беше преполна со влијанија на „катенаџото“ на Херера, па неговата опсесија за напаѓачка игра беше сметана за чудна. Милан на Саки играше со висок интензитет и со многу висока дефанзивна линија. Тоа му овозможи да прави пресинг на средината на теренот и обезбеди растојанието помеѓу одбраната и нападот никогаш да не биде повеќе од 25 метри

ФУДБАЛОТ И ТАКТИКИТЕ (4)

Во 1990 година, Западна Германија триумфира на Светското првенство (СП) во Италија, користејќи ја формацијата 3-5-2. Таа поставеност на играта повеќе се базираше на добрата игра на индивидуалците отколку на тимскиот менталитет. Таа формација и понатаму е популарна во модерниот фудбал, и покрај фактот што наиде на поделени мислења кога беше воведена. Позицијата на играчите може да се менува и ако тимот има бекови повисоко на противничкиот дел од теренот, тогаш тоа е 3-5-2, додека ако се на својата половина и им помагаат на централните дефанзивци повеќе е 5-3-2.
Кон крајот на 90-тите години од 20 век, италијанскиот маестро, Ариго Саки, како тренер на Милан ја предводеше револуција против одбранбениот фудбал и го уби „либерото“. Тој стана првак на Европа и на Италија и освои еден куп на Италија во првите четири сезони. Во времето на назначувањето на Саки, Италија беше преполна со влијанија на „катенаџото“ на Хеленио Херера, па неговата опсесија за напаѓачка игра беше сметана за чудна. Милан на Саки играше со висок интензитет и со многу висока дефанзивна линија. Тоа му овозможи да прави пресинг на средината на теренот и обезбеди растојанието помеѓу одбраната и нападот никогаш да не биде повеќе од 25 метри.
– Кога почнав во Милан, најмногу внимание ѝ се посветуваше на дефанзивата. Имавме либеро и стриктно маркирање. Напаѓачката фаза се сведуваше на интелигенцијата и на здравиот разум на поединците и на креативноста на бројот 10 – изјави во една пригода Саки.

Саки образложи дека со „стеснувањето на теренот“, кога противникот ќе тргне напред, ќе треба претходно да пробие три играчки линии. Не многумина успеваа во тоа. Тој тврди и дека Милан практикувал различни начини на игра во поединечни моменти од натпреварите. Според Саки, имало делумен пресинг, па тотален пресинг за освојување на топката и лажен пресинг „кога се преправавме дека притискаме, но всушност го користевме времето за да се одмориме“.
Друг битен аспект на фудбалот на Саки е „играње во сенка“. Тој ги терал своите играчи на тренинзите да играат имагинарен фудбал, без топка. Ќе им ги кажел позициите и каде и како да се движат. Тоа им помогнало да го усовршат зонското маркирање и да ги намалат опциите за напад на противниците. Оваа генијална вежба подоцна стана „закон“ за тимската работа. Саки беше поборник за повеќенаменски играчи, не ги сакаше специјалистите, бараше сите негови играчи да бидат способни за секоја улога на теренот, поради што неговата формација 4-4-2 функционираше толку добро. Играчите од средниот ред беа функционални во секоја област, напаѓачите бркаа, а дефанзивците притискаа од назад. Тимската работа беше клучна за неговиот тим, таа им овозможи да станат еден од најголемите во историјата на фудбалот.
Во доцните 1990-ти со сѐ поголемата примена на пресингот, формацијата 4-4-2 се претвори во 4-2-3-1, со двајца дефанзивни играчи за врска, како заштита од нападите низ центарот на теренот. Тие двајца играчи ја обезбедуваа врската помеѓу задната и напаѓачката четворка. Единствениот напаѓач добива поддршка од 10-та, а крилните играчи од средниот ред влегуваат внатре, често играјќи на своите неприродни позиции, со „погрешни нозе“ за да обезбедат подиректна закана на голот.
Еден од првите тимови запаметен по употребата на 4-2-3-1 беше француската репрезентација со Зинедин Зидан, извонреден плејмејкер, со Кристоф Дугари и Јури Џоркаеф номинално во улога на крилни напаѓачи. функционираше слично како 4-2-1-3. Зидан ја имаше клучната улога, да ја прими топката, да ја дистрибуира и да придонесе во офанзивната фаза, а за тоа имаше поддршка од двајцата дефанзивни играчи од средниот ред, Дидие Дешам и Патрик Виеира, и со опција за додавање до Дугари, Џоркаеф и Анри.

На СП 2010 во Јужна Африка таа формација доживеа кулминација, а ја користеше речиси секој тим. Неколку селекции се истакнаа играјќи во оваа формација, пред сѐ финалистите Шпанија и Холандија. Холандскиот тим играше со двајца номинално дефанзивни играчи од средниот ред и речиси целата креативност му беше дадена на Весли Снајдер, кој играше како број 10, веднаш зад Робин ван Перси и покрај Арјен Робен или Дирк Кајт.
Шпанската 4-2-3-1 беше малку поинаква од холандската, нивниот фокус беше на посед на топката и на пресинг повисоко на теренот. Чави како плејмејкер имаше улога да го разигрува и да го придвижи тимот погоре на теренот, за разлика од Снајдер, кој се обидуваше да го најде Робен во слободниот простор. Таа формација функционираше на различни начини во текот на деценијата и понатаму е тренд во фудбалскиот свет. Таа претрпи повеќе измени и модификации во обид да се создадат нови алтернативи и да стане помалку предвидлива на теренот. Таа формација ја практикуваа(т) врвни тренери како Маурицо Почетино во Тотенхем, Пеп Гвардиола во Манчестер сити, Ханси Флик во Баерн, Герет Саутгејт со Англија и многу други. Л.Д.