Резултатите од истражувањето на Светскиот синдикат на фудбалери (ФИФПРО) покажуваат дека професионалните фудбалери се за нови регулативи за справување со згуснатиот распоред на натпревари и патувањата. Анкетата на 1.055 играчи и 92 експерти покажува дека двете групи поддржуваат нови мерки, кои ќе гарантираат минимална пауза вонсезонски и ќе ги ограничат повторените мечеви во низа, а само 26 отсто од играчите сакаат да ги одржат меѓународните прозорци за мечеви какви што се, пишува ФИФПРО.
Во меѓувреме, 82 отсто од експертите, од кои половината имаат репрезентативно искуство, рекоа дека биле сведоци на преоптоварување што предизвикува проблеми со менталното здравје и во начинот на живот на играчите. Податоците го нагласуваат оптоварувањето на поединечни фудбалери. На крајот на 2020 година, Лука Модриќ (Реал и Хрватска) одигра 24 меча со помалку од пет дена одмор меѓу секој, Хари Мегваер (Манчестер јунајтед и Англија) одигра 19 меча со помалку од пет дена одмор меѓу секој, пишува ФИФПРО. Вкупно 55 отсто од анкетираните рекле дека се повредиле поради преоптоварен распоред, 40 проценти изјавиле дека пренатрупаниот календар влијае на нивното ментално здравје, 50 отсто рекле дека нивниот клуб или репрезентација ја прекинале нивната вонсезона, повеќе од 72 проценти рекле дека бројот на последователни мечеви треба да се ограничи на четири, а половина велат дека задолжителна пауза треба да се наметне по три, пишува ФИФПРО. Вкупно 92 експерти за високи перформанси, вклучувајќи спортски научници, лекари и кондициски тренери, ги поддржуваат ставовите на играчите дека сегашното ниво на мечеви во елитниот фудбал без заштитни прописи е ризик за менталното и за физичкото здравје.
Повеќе од еден од тројца фудбалери во примерок од 265 играчи на Платформата за следење на обемот на работа на фудбалерите одиграле најмалку 55 меча во сезоната пред пандемијата, што е премногу, сметаат 88 отсто од експертите, пишува ФИФПРО.