Селектор на САД е Македонецот Влатко Андоновски, кој на 39-те меча на оваа функција има ефект од 31 победа, шест ремија и два пораза

ФУДБАЛ – ЖЕНИ

Женската фудбалска репрезентација на САД, чиј селектор е Македонецот Влатко Андоновски, ја совлада селекцијата на Узбекистан, со 9-1, во Колумбус, Охајо, во првиот од двата пријателски подготвителни натпревара пред квалификациските дуели за Светското првенство (СП) во 2023 година. Американките ја продолжија успешната серија без пораз на домашен терен на 66 натпревари (59 победи и седум ремија), со гол-разлика 246-28, од кои 116-4 на последните 28 меча дома.
Андоновски на 39-те меча на оваа функција има ефект од 31 победа, шест ремија и два пораза и има најдобар старт како селектор во историјата на женскиот репрезентативен фудбал на САД. На првиот натпревар на Андоновски како селектор, исто така одигран во Колумбус, САД ја совладаа Шведска со 3-2, на 7 ноември 2019 година.
САД го примија првиот гол на домашен терен по 11 март 2020 година и мечот со Јапонија, што не му се допадна на Андоновски.
– Ќе посветиме многу време на тоа како ни дадоа гол. Треба да видиме како да го посложиме тимот, дали тоа е направено правилно или не. Со тоа ќе започнеме, а потоа ќе преминеме во индивидуалните одговорности и ќе видиме како играчите си ги исполнија обврските… Колку и да го мразам тој гол по прекин на игра, по малку и го сакам, затоа што се случи токму сега. Тоа ќе ни даде можност да се поправиме пред да одиме на квалификациските натпревари во јули – изјави Андоновски.