Глазгов ренџерс победи во 1972 година во Купот на победниците на куповите, а Ајнтрахт славеше во 1980 година во Купот на УЕФА (сега со име Лига Европа). Двата тима играат в среда, во Севилја, во финалето на Лига Европа, а единствените нивни претходни меѓусебни средби беа во полуфиналето на Купот на шампионите во 1960 година

ФУДБАЛ – ВО ФИНАЛЕТО НА ЛИГА ЕВРОПА

Ајнтрахт Франкфурт се среќава со Глазгов ренџерс во Севилја, во финалето, в среда, на фудбалската Лига Европа (ЛЕ), а победникот ќе стане првиот тим од Германија или од Шкотска што триумфирал во натпреварувањето, откако тоа се вика Лига Европа, од 2010 година. Дотогаш натпреварувањето се викаше Куп на Европската фудбалска унија (УЕФА), во кој од Германија двапати победи Борусија Менхенгладбах, а по еднаш Ајнтрахт, Шалке, Баерн и Баер.
Двата клуба играат за освојување втор европски трофеј. Глазгов ренџерс го подигна пехарот во некогашниот Куп на победниците на куповите, во 1972 година, а Ајнтрахт го освои Купот на УЕФА (сега со име Лига Европа) во 1980 година.
Единствените претходни меѓусебни средби на Ајнтрахт и на Ренџерс се случија во полуфиналето на некогашниот Куп на шампионите (сега Лига на шампионите) во сезоната 1959/60, кога германската екипа победи со 6-1 дома, а потоа со 6-3 во Глазгов на патот до финалето со Реал Мадрид, кое Реал го доби со 7-3.
Ајнтрахт нема пораз во четири натпревари во европските купови против шкотските тимови (три победи, едно реми), а покрај тие средби со Ренџерс, тие го елиминираа Абердин во првото коло од нивната победничка сезона во Купот на УЕФА (сега Лига Европа) во сезоната 1979/80, пишува УЕФА на својата интернет-страница.
Ренџерс го загуби своето единствено претходно финале против германска екипа, со 0-1, по продолженијата, од Баерн, во некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК) во Нирнберг во 1967 година, кој се играше само шест дена откако нивниот ривал од Глазгов, Селтик, стана европски шампион. Сепак, ефектот на „светлосините“ во куповите на УЕФА против германските тимови е респектабилен (по 18 победи и порази и 15 ремија), а сезонава тие победија два тима од Бундес-лигата, Борусија Дортмунд во плејофот и Лајпциг во полуфиналето, пишува УЕФА.