Јувентус го претрпе четвртиот пораз сезонава, на гости од Верона, со 1-2, а двата гола за домаќините ги постигна синот на Диего Симеоне, Џовани, осми гол за него сезонава

СЕРИЈА А

Јувентус загуби од Верона на гости, со 1-2, што е четврти пораз сезонава за избраниците на Масимилијано Алегри, по што падна на деветтото место на табелата во италијанската фудбалска Серија А, по 11 одиграни меча. Двата гола за Верона ги постигна Аргентинецот Џовани Симеоне (во 10. и 14. минута), најстариот син на Диего Чоло Симеоне, тренерот на шпански Атлетико Мадрид. Џовани Чолито Симеоне (26), во деветтото коло, минатата недела, постигна четири гола.
– Татко ми си ја вршеше својата работа, јас мојата. Секој ден, секоја година станувам сѐ позрел – изјави Џовани Симеоне, кој пристигна во Верона во август, на заем од Калјари, со опција договорот да биде постојан откако не се снајде најдобро во Џенова и во Фиорентина.
Сезонава Симеоне има вкупно осум гола на 10 натпревари, само еден помалку од водечкиот Чиро Имобиле.
Верона победи на сите четири натпревари на домашен терен од назначувањето на Игор Тудор за нов тренер на средината на септември, на местото на Еузебио де Франческо и по трите порази во низа. Поранешниот хрватски репрезентативец и играч на „старата дама“, минатата сезона му беше помошник на Андреа Пирло во Јувентус. По 11 кола, Верона е осма, со 15 бода, колку што има и Јувентус. На лидерската позиција се Наполи и Милан, со по 28 бода, од 10 натпревари. Наполи вчера ѝ гостуваше на Салернитана, а Милан на четвртопласираната Рома.